Почина Благој Цанев, еден од основоположниците на македонската современа класична музика

од Берта Китинска

Македонската Филхармонија доцна синоќа соопшти дека починал проф. Благој Цанев, еден од основоположниците на македонската современа класична музика.

„Проф. Цанев беше еден од највлијателните композитори, еден од најпочитуваните педагози по музика, кој зад себе остави богатство од дела. Големиот уметник, беше неизоставен дел од Филхармонија уште од самите почетоци на функционирање на институцијата, најпрвин како дел од оркестарот, потоа како композитор и до крајот на животот, редовен посетител на симфониските концерти. Слава му!“, стои во известувањето објавено на социјалните мрежи.

Претставник е на генерацијата композитори што својата комплетна музичка наобразба ја стекнаа во Република Македонија. Тој е прв дипломец на Факултетот за музичка уметност во Скопје (одделот за музичка теорија и педагогија), а потоа студент по композиција во класата на проф. академик Властимир Николовски. По дипломирањето целосно ѝ се посветува на педагошката дејност работејќи во Нижото и Средното музичко училиште во Скопје (предавајќи солфеж, теорија на музиката, хармонија, хорско диригирање и е диригент на школскиот оркестар), а потоа и како долгогодишен професор на Факултетот за музичка уметност (избран по неколку од главните стручни предмети). Освен ова, настапува како предавач и на голем број стручни семинари и музички манифестации во земјава и во странство.

Автор е и на најголем број печатени учебници во Македонија (10) и работни тетратки (3) за различните степени на музичкото образование од кои еден дел се преведени и адаптирани на албански и турски јазик. Паралелно со оваа дејност развива широка творечка и општествена активност за што е добитник на највисоки државни („11 Октомври“, „Климент Охридски“) и стручни („Панче Пешев“, „Трајко Прокопиев“ и др.) награди.

Во своето музичко творештво Благој Цанев изминува пат од традиционалните форми и традиционалниот композиторски израз кон поразвиените творечки форми и видови. Својот сигурен настап го најавува уште со својата прва композиција („ … Струга годинава беше место каде што бевме возбудени од откривањето на творечкиот нерв на композиторот Благој Цанев во неговата СИМФОНИЈА 79 и пијанистичката СУИТА ИНТЕРМЕЦА…“, Владо Чучков, Вечер, 07 Ноември 1980).

Сепак, траен белег на неговото композиторско проседе се потпирањето врз македонскиот музички фолклор и умерениот композиторски јазик. Тоа го забележува и музичката критика во која се истакнува дека „… Творечкиот израз на овој автор се традиционалните форми со осовременети изразни средства, кои содржат евидентна стилска определба на присуството на белегот од македонскиот музички фолклор, трансформиран низ повеќе музички постапки. Кон ваквата стилска определба е и неговото дело ГУДАЧКИ КВАРТЕТ ин Г…“ (Цветанка Зојчевска, в. Вечер, 27 Ноември 1987).

Слични содржини