Почина новинарот Ристе Недановски: Лекарската комора и останатите се простуваат од него

По кратко и тешко боледување вчера на 62-годишна возраст  почина новинарот Ристе Недановски, соопшти Лекарската комора на Република Северна Македонија, каде тој беше вработен.

Во 1980 година Недановски запишал Факултет за интердисциплинарни стурии по новинарство при Универзитетот „Кирил и Методиј” – Скопје. Во својот животен век, од 1991 година работи како новинар за здравство во редакцијата „Вечер” – НИП „Нова Македонија”. Во 1997 година преминува во редакцијата „Дневник”, во 1999 станува заменик-уредник на економската рубрика и новинар за здравство во редакцијата „Утрински весник”.

Од 2004 година е уредник и новинар за здравство во редкацијата „Вечер”. Од активното новинарство се повлекува во 2006 година кога работи како PR менаџер во „Публицист” – Скопје, од 2009 година е извршен директор и ПР менаџер во „Концепт маркетинг”, а од 2011 година е уредник на гласилото на Лекарската комора на Република Северна Македонија, „Vox Medici“. Долги години подготвуваше и уредуваше текстови, посебни тематски публикации и инфо-гласила на различни асоцијации, здруженија, организации и компании (Стоматолошка комора на Македонија, „Порака”, Сојуз на помош за лица со ментален хендикеп и други.

Во својот професионален ангажман се истакнува како исклучителен познавач на здравствениот систем во Република Северна Македонија. Автор е и учесник во подготовка на повеќе релевантни меѓународни анализи за состојбите и реформите во здравството. Сите ние загубивме драг пријател и извонреден колега. Нека почива во мир, стои во соопштението.

Слични содржини