Почина поранешниот селектор на Македонија, кој ја предводеше до 7. место на СП

од Nikola Popovski

Угледните романски медиуми со голема тага соопштија дека синоќа, на 67-годишна возраст, почина романскиот стратег Богдан Маковеј, поранешен селектор на женската репрезентација на Македонија и тренер на екипата на Кометал.

Тоа е човекот кој ја однесе Македонија на СП во Германија, во 1997 година. Нашата репрезентација во Германија отпатува како дебитант и аутсајдер, но на крајот го освои седмото место, совладувајќи ги селекциите на Словенија, Кина, Данска, Романија и Полска.

Овој успех на нашата женска репрезентација го препороди македонскиот ракомет, кој полека се проби на позиција која ја има и денеска – спорт број 1 во Македонија.

Подоцна Маковеј стана и тренер на екипата на Пелистер, со кого стигна до финалето на Челенџ Купот во 2002 година, каде загуби од екипата на Скјерн.

Фантастичниот ракометен работник го напушта овој свет на 67-годишна возраст, а од почит кон семејството, медиумите од Романија не ги открија причините за смртта.

– Нашиот ракометен свет е длабоко тажен од неговата смрт, бидејќи изгубивме ментор и пријател, вистински професионалец. Збогум, професоре!, гласи објавата на Федерацијата на Романија.

Слични содржини