Почна собраниската расправа за ребалансот на Буџетот

од desk2

Намалување на непродуктивните трошоци и обезбедување простор за мерки кои ќе значат зајакнување на социјалната кохезија меѓу граѓаните и поддршка на домашните претпријатија, е основната цел на ребалансот на Буџетот, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски пред пратениците.

Образложувајќи ја потребата од прекројување на државната каса, Тевдовски напомена дека ребалансот е прва можност новата Влада да почне да ги вградува своите верувања и вредности во Буџетот. Првите ограничувања, потенцира, ќе бидат во делот на неподмирените долгови, кои заклучно со 31 мај 2017 година изнесуваат 22,4 милијарди денари или 364 милиони евра.

– Обврските на буџетските корисници и фондови, заедно со локалните установи, финансирани преку блок дотации изнесуваат шест милијарди денари. Долговите се најголеми во културата, дури 2,4 милијарди денари, а се должат пред се на неплатените обврски за концертната сала на Филхармонијата која беше помпезно отворена, Драмскиот театар, објектот „Мајка Тереза“ и театарот во Велес, посочи Тевдовски. Сериозно високи се, додаде, и обврските на локалните образовни установи, министерствата за здравство, внатрешни работи и образование. Второ ограничување се веќе склучените договори за тековни или идни проекти кои ако се раскинат, укажа, државата ќе треба да плаќа пенали.

– Затоа, единствена здрава опција за ребалансот беше намалување на непродуктивните трошења кои се во рацете на власта – службени патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирање, потенцира Тевдовски. Тој го подели излагањето во пет делови. Прво ја претстави основната цел на ребалансот, објасни зошто е потребен и што треба да постигне, а потоа се осврна на макроекономските движења и проекции, даде приказ на остварувањето на буџетските проекции во првата половина на годината, ги изложи поважните предлози за измени и дополнувања на Буџетот, како и потребата за финансирање на буџетскиот дефицит и долгот. Собраниската расправа за ребалансот на Буџетот може да трае најмногу пет дена.

Слични содржини