Почнува кампањата, СДСМ од Битола, ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, ДУИ од Гостивар

од Берта Китинска

Утре почнува кампањата за локалните избори закажани за 17 октомври. За градоначалници се натпреваруваат 301 кандидат додека за општински советници над 10.600 кандидати. Градот Скопје има најмногу кандидати за градоначалник – 12, додека Струга и Долнени имаат по осум кандидати.

Караванот „Најдоброто за мојата општина“ утре ги започнува своите активности во рамки на кампањата за претстојните локални избори, соопшти СДСМ.

Утрешниот централен настан е закажан во Битола во 20.00 часот, а претходно караванот ќе биде со граѓаните на Демир Хисар. Во вторник караванот е во скопските општини Чаир и Кисела Вода по што ќе следува предизборна конвенција на кандидатот за градоначалник и листата за советници за Град Скопје.

Караванот своите активности завршува на 15 октомври со голем граѓански настан во Куманово.

-СДСМ со својата кадровска и програмска понуда, во овие денови ќе ја посети секоја општина, секое населено место. Со реализираните проекти зад себе, со најдобрата понуда, со најголемиот коалициски капацитет, „Најдоброто за мојата општина е изразит фаворит, победник на овие локални избори, затоа што граѓаните ќе дадат поддршка за концептот што води напред и е гарант за да продолжи развојот на општините, велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе ја започнат изборната кампања за претстојните локални избори од Охрид.Тие ќе ја започнат преку собир на отворено кај Антички театар во Охрид, кој треба да започне во 18 часот.

Кандидатите на ДУИ ќе се претстават во Гостивар, Беса во  Скопје, а  во Чаир со својата кампања стартува Алијанса Алтернатива.

Изборната кампања ќе трае 20 дена, а ќе заврши на 15 октомври на полноќ.

Слични содржини