Почнува карванот за вакцинација против Ковид-19 во повеќе општини во државата

од Берта Китинска

Министерството за здравство со поддршка од Светска здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ од понеделник (21 март) почнува со карван за вакцинација против Ковид-19, кој ќе опфати 14 локални заедници во државата. На секое од овие места, во согласност со распоредот, граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против Ковид-19.

Исто така, на овие локации граѓаните што се вакцинирани во странство ќе имаат можност да се евидентираат во системот „Мој термин“.

Имајќи предвид дека невакцинираната популација има поголем ризик од смртен исход од Ковид-19 во споредба со вакцинираните, тоа значи дека голем дел од популацијата останува незаштитена. Одлуката за вакцинирање не треба да се одложува.

Вакцинирањето е побезбеден начин за заштита на здравјето отколку инфекцијата со вирусот, која може да доведе до смртен исход, а бустер-дозите овозможуваат континуирана и максимална заштита.

Покрај активностите од карванот за вакцинација, кои ќе се реализираат во следните две недели и ќе опфатат 14 локални заедници, граѓаните имаат можност секој ден да се вакцинираат и во здравствените домови во државата.

Инаку, статистичките податоци покажуваат дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Меѓу последните евидентирани хоспитализации и смртни случаи предизвикани од компликации на Ковид-19, во земјата има сè повеќе млади лица што се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата, така што со овој карван целта е да ја приближиме можноста за вакцинирање до сите категории граѓани кошто досега не се вакцинирале.

Вакцините што се користат се сигурни и безбедни и здравствените домови располагаат со доволни количини вакцини.

Вакцинацијата останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата.

Во продолжение распоредот на локации што се вклучени во организираниот карван:

21 март од 11 до 15 часот – Шуто Оризари, плоштад
22 март од 12 до 16 часот – Кратово, плоштад
23 март од 12 до 16 часот – Радовиш, плоштад
24 март од 12 до 16 часот – Струмица, плоштад
25 март од 12 до 16 часот – Ново Село (Струмица), на пазарот
26 март од 11 до 15 часот – пред „Ист гејт мол“ во Скопје
27 март од 11 до 15 часот – Куманово, плоштад
28 март од 12 до 16 часот – Липково, паркинг во село Матејче
29 март од 12 до 16 часот – Арачиново, до поштата
30 март од 12 до 16 часот – Чучер Сандево, во ОЈУ „Партизански дом“ во село Сандево
31 март од 12 до 16 часот – Зелениково, во дворот ОУ „Марко Цепенков“
1 април од 12 до 16 часот – Врапчиште, Дом на културата во село Неготино
2 април од 11 до 15 часот – Кичево, Дом на културата
3 април од 11 до 15 часот – Струга, Ново шеталиште

Слични содржини