Почнува комисиската расправа за Законот за Јавно обвинителство

од Aleksandar Todeski

Денеска во 10 часот треба да започне комисиската расправа за Законот за Јавно обвинителство. Претседателот на Комисијата за европски прашања и пратеник од ДУИ, Артан Груби сседницата ја закажа вчера откако заврши пленарната седница на која се изгласа потребата Законот за Јавно обвинителство и Законот за Совет на јавни обвиниели да се носат по скратена постапка.

По предвидената постапка, законите се враќаат на пленарна седница, каде 80 пратеници треба да дадат зелено светло за законските решенија кои во неделата вечерта владата ги достави во Собранието, а кои поради мали технички грешки беа вратени во Владата и повторно доставени.

Вчерашната седница на која се изгласа потребата за носење на законските решенија по скратена постапка беше закажана за 17 часот, но поради техничките грешки и враќањето во Влада, седницата почна подоцна.

Иако опозициските пратеници упатија низа обвинувања за начинот на кој се носат законите, тие останаа на седницата, а како што дознава „Локално“, тие ќе присуствуваат и на комисиската расправа.

Министерката за правда, Рената Дескоска вчера одговори на нивните обвинувања, велејќи дека се работи за паника во редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, па затоа пратениците од партијата правеле се да се одложи седницата, а со цел да не се донесе Законот за Јавно обвинителство.

А.Т.

Слични содржини