Законот за поништување на лустрацијата в понеделник ќе биде отворен во матичната Комисија за политички систем. Сепак, не е веројатно дека ќе биде донесен пред распуштањето на Собранието, особено ако опозицијата ја употреби добро познатата тактика со блокирање, доставувајќи голем број на амандмани.

За шестгодишното работење, Комисијата за лустрација прогласи за кодоши околу 200 лица. Речиси половина од нив беа починати. Таа беше формирана во 2009 година со Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, а беше укината на 1 септември 2015 година.

Голем дел од оштетените со нетрпение го дочекаа Законот за поништување, за да целосно се потврди нивната недолжност. Меѓу нив се најдоа поранешниот министер за култура, Ѓунер Исмал, поранешниот министер за внатрешни и надворешни работи, Љубомир Фрчкоски, новинарот Хисен Шаќири, поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски и многу други.

Инаку за време на Лустрацијата согласно законот сите лустрирани мораа да ги напуштат државните институции во кои работеа, па така Уставниот суд чија институција му бодеше очи на режимот, доби поинаков состав.

Слични содржини