Поддршка од Холандија за градење на човечкиот капитал во Министерството за финансии

од Stefanija Kuzmanovska
Размената на искуства и знаења помеѓу министерствата за финансии на Република С. Македонија и Кралството Холандија продолжува и следните две години во насока на градење на подобар систем на јавни финансии во земјава. Министерката за финансии Нина Ангеловска потпиша Меморандумот за соработка 2020-2022, потпишан од холандскиот министер за финансии Вопке Хоекстра, кој и го врачи амбасадорот на Холандија во земјава Дирк Јан Коп.
Согласно Меморандумот, како што соопштуваат од Министерството за финансии, двете министерства ќе соработуваат преку размена на знаења, искуства и информации за политиките што се спроведуваат. Се предвидуваат програми за обуки, студиски престои, работилници и сл. Преку  соработка и пренесување know-how ќе се придонесе кон градење на човечкиот капитал, како и црпење информации од туѓите искуства во градењето на ефективен систем на јавни финансии.

Министерката за финансии Ангеловска истакна дека Холандија дава многу важна поддршка за реформите што се прават во јавните финансии во Република С. Македонија. Инаку, билатералната соработка меѓу двете министерства започна во 2017 година.

Холандија е значаен партнер на Република С. Македонија во развојните реформи во сите сфери. Од нашето осамостојување досега, Холандија има доделено средства во висина од над 200 милиони евра за поддршка на проекти во Република С. Македонија.

Слични содржини