Подготовки за клучниот меч за пласман на СП: „Ќе се бориме да го оствариме сонот на Македонија“

од Берта Китинска

Македонските фудбалски репрезентативци денеска во Порто ќе играат против селекцијата на Португалија во финалниот бараж за пласман на Светското првенство, откако пред три дена во полуфиналето го совладаа европскиот првак Италија.

Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски најавува максимална борбеност против Португалија во вечерашното финале од плејофот за пласман на Светското првенство 2022.

– Наше е да излеземе на „Драгао” и да го дадеме најдоброто од себе. Ништо повеќе, ништо помалку. Овој меч е тоа што го посакувавме цел живот. Го заслуживме и ќе се бориме да го оствариме сонот. Нашиот и на цела Македонија, изјави Димитриевски за „Видеолотарија Касинос Австрија“ партнерот на „црвено-жолтите“.

Премиерот Димитар Ковачевски деновиве вети награда од 500.000 евра, доколку фудбалската селекција се пласира на Светското првенство во Катар.

„Вие сте шампиони за нас, победници и гордост на сите нас. Ние веруваме во вас и затоа сакам да ви посакам успех на мечот со Португалија. Најмалку што можеме да направиме како влада е да издвоиме награда од 500.000 евра ако се пласирате на СП“, им рекол Ковачевски испраќајќи ги фудбалерите за Португалија.

Репрезентативците на Македонија вчера го имаше единствениот тренинг на стадионот на Порто, „Драгао“ каде денеска ќе се одржи историскиот натпревар против Португалија.

Слични содржини