Поднесено обвинение за двете лица кои го претепаа Пендиков – му забележале зошто се изјаснувал како Бугарин

од Nikola Popovski

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Тешка телесна повреда според член 131 став 1 во врска со став 2 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, заедно со уште едно до овој момент непознато лице, од омраза поради националната и етничката припадност, тешко телесно го повредиле генсекот на бугарскиот културен клуб во Охрид, Христијан Пендиков.

Според обвинението, на 19-ти јануари, во кафе бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди.

-Во текот на истражната постапка, сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видео надзорот.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Охрид достави и посебен предлог за продолжување на притворската мерка за обвинетиот, бидејќи се уште постои опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон.

Во меѓувреме, по насоки на јавниот обвинител, и натаму се преземаат дејствија за идентификација и лишување од слобода на другото лице инволвирано во настанот, соопштија од Обвинителството.

Пендиков на 20-ти јануари со авион испратен од бугарските власти беше однесен на лекување во Воена-медицинската академија во Софија, каде што му беше извршена операција на долната вилица. Тој до пред три дена беше на болничко лекување, по што беше отпуштен од болницата.

Во меѓувреме се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев, по што доби вип-третман од тамошните власти и му беше ветено дека ќе добие свој стан, дневници и лично обезбедување во Софија. Засега нема најави дали и кога Пендиков би се вратил во Македонија.

Слични содржини