Поенти референдум: Јазикот и културното наследство се македонски и тоа е потврдено со договорот

од desk4

  Нашиот јазик и нашето културно наследство се македонски. Тоа го потврдуваме со договорот. Како Македонци ќе влеземе во НАТО и како Македонци ќе чекориме во ЕУ. Целиот свет оддава признание на нашата државност, јазик и идентитет. Нашата генерација носи историска одлука, порачаа поддржувачите на коалицијата Излези За европска Македонија на една недела пред одржувањето на референдумот.

Премиерот Зоран Заев вчера во Богданци потенцираше дека договорот со Грција го гарантира македонскиот идентитет, јазик и националност и оти решението за решавање на 27-годишниот спор е фер и праведно.

– Од Вашигтон дојдов во Богданци, Добивме поддршка од САД, дадоа поддршка од името на претседателот Трамп И потпретседателот Спенс за покажаното лидерство, за одличниот договор, за градењето пријателство, за демократскиот однос и односот фокусиран кон иднината. Вакви случаи ретко има во светот и затоа целиот свет е со поддршка и комплименти за Македонија. Стигна и порака од францускиот претседател Макрон кој не охрабрува и поддржува и ни ја гарантира иднината во НАТО И ЕУ. Стигаат поддршките од целиот свет. Ова е признавање на нашата државност, на нашиот македонски идентитет, македонски јазик и нашата национална посебност затоа што целиот свет и дава максималната поддршка на нашата Македонија за да обезбеди квалитетен живот со демократскиот свет. И затоа прашањето на овој референдум е дали ќе бидеме дел од светот или ќе бидеме сами во светот, рече Заев.

Од овој договор, според него, никој не губи, туку добиваат и двете страни и верификацијата на нашиот идентитет и јазик се гарантирани со него.

На многу луѓе географската одредница им е мачнотија. Не ни е лесно на сите нас, но решението е фер и праведно. Овој договор обезбедува членство на Македонија во НАТО И ЕУ. Да добиеме грутка, парче земја, наша Македонија признаена од сите, од целиот свет, во која живее македонски народ признат од целиот свет, којшто зборува македонски јазик признат од целиот свет. Со овој договор ги остваруваме вековните аспирации на нашите претци, истакна Заев во Богданци.

Поддржувачите на референдумот укажуваат дека уставните промени ќе бидат направени согласно Договорот којшто е јавно објавен. Со еден амандман ќе биде внесена географската одредница, а во преамбулата ке се зајакнат одлуките за државотворноста на АСНОМ.

– Што ќе бидат уставните промени – пишува јасно како бел ден во Договорот со Грција. Уставните промени ќе бидат направени со еден амандман со додавање на географската одредница. Истовремено ќе биде зајакнат државотворниот карактер на одлуките на АСНОМ каде што вика дека е борба за самостојна суверена Македонија, за слобода И демократија. Истовремено, ќе потенцира на европски начин водење грижа за нашата дијаспора како што тоа е напишано во уставот на сите земји членки на ЕУ. И ќе го зајакне она што значи заштита на територијалниот интегритет на Македонија, но и немање на аспирации кон други земји, односно заштита на границите и нивното почитување. Тоа ќе се смени во Уставот, рече премиерот Заев на трибината во Радовиш.

За шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, 30 септември е влог во иднината на државата и идните генерации, а членството ќе значи дека Македонија ќе биде стабилна и цврста држава со признат македонски јазик и идентитет.

– Ако успее овој процес, државата и институциите ќе бидат Република Северна Македонија. Државјанството ќе биде македонско со коса црта граѓанин на Северна Република Македонија. Народот ќе биде – македонски, заедно со сите наши сограѓани кои се дел од другите народи. Јазикот ќе биде македонски, ќе биде официјален јазик на 500 милиони луѓе. Досега со ЕУ немаме потпишано ниту една хартија со македонски јазик поради овој проблем. Затоа е афирмација. И мене не ми е пријатно што ова мораше да се реши за да го најдеме тој пат, ама во тоа е одговорноста. Како Македонци ќе влеземе во НАТО и како Македонци ќе чекориме во ЕУ. Минатото е важно, но не можеме да го смениме, туку само да научиме лекции, а иднината е таа која може да ја промениме, истакна Димитров пред прилепчани.

Неговиот колега во Владата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вели дека како членка на НАТО државата ќе биде безбедна и трајно ќе се гарантира нејзиниот територијален интегритет и границите. На трибината во Прилеп, Спасовски порача дека ниту еден глас не може и не смее да биде злоупотребен.

– Никој нема право, ниту ќе има можност да го спречи демократското право на референдумот на граѓаните и затоа им упатувам јасна порака на оние кои им се закануваат и ги залажуваат граѓаните дека нема да го направат тоа, рече вчера Спасовски.

Со порака дека договорот со Грција овозможува иднина за земјата и оти е направен голем исчекор вчера се јави и францускиот претседател Емануел Макрон. Во видео пораката упатена до македонските граѓани, Макрон вели дека исчекорот е направен со храброста на лидерите на двете држави, а Спогодбата од Преспа од 17 јуни овозможува напредок и подготовка на иднината.

– Референдумското прашање на 30 септември оваа година се однесува токму на таа спогодба. Запознаен сум со сите полемики кои се водат и кои се дел од демократската дебата во земјата. Но, јас од овде бидејќи верувам во нашиот континент, во силата на Европа, во моќта на колективната мудорст и во заемната соработка Би сакал да се обврзам и да Ви кажам во што верувам. Знам дека ни еден договор не е совршен. Знам дека за едните, истиот не е доволно долгорочен, а за другите дека поинаку би го испреговарале. Ги слушам сите критики кои се кажани. До пред неколку месеци никој не се надеваше на овој договор. Но, на овој договор се чека веќе 27 години. Овој договор се постигна поради храброста на Вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно!, порача Макрон во видео пораката.

И поранешниот висок претставник за надворешна политика на Европската унија, Хавиер Солана оценува дека Договорот од Преспа нуди одржлив модел за решавање на споровите на други места.

– Овој договор на страни со долгогодишен спор е испирација за еден регион кој останува заплеткан во заглавени спорови околу етничките и националните идентитети. Балканот – и не само Балканот има потреба од нов наратив врз основа на вистинските приоритети на народот што е токму она што го предвидува Преспанскиот договор, вели Солана во колумна објавена на Проџект Синдикејт.

Поддржувачите на рефендумското За на средбите организирани во текот на вчерашниот ден порачаа дека компромисите го движат светот и оти направениот компромис со Грција ја движи Македонија напред.

Слични содржини