Поенти референдум: Оние кои ќе гласаат учествуваат во одлуката за иднината на државата

од desk4

  Само оние што ќе гласаат „за“ или „против“ во недела ќе учествуваат во одлуката за иднината на Македонија. Бојкотот не се калкулира никаде, порачаа вчера претставниците на коалицијата „Излези За европска Македонија“.

На само четири дена до референдумското изјаснување на граѓаните, поддржувачите на референдумското „за“ истакнуваат дека демократијата значи гласање и оти активни се оние кои носат одлуки.

– Успешен референдум е асполутно видливо огромно мнозинство кое гласа „за“ или успешен референдум е асполутно видливо огромно мнозинство кое што гласа „против“. Бојкотот не се калкулира никаде. Ако изгубам затоа што сум „за“ секако ќе се повлечам. Ако победам продолжувам понатаму, така што учесниците во референдумот се оние кои гласаат, што даваат можност, што носат одлука. Тоа се брои и тоа е одлуката во демократијата, ако сме демократи, порача вчера премирот Зоран Заев гостувајќи во емисија на телевизија „Телма“.

Посочи дека ако мнозинството граѓани гласаат „против“ тогаш тој нема што да бара во политиката, но оти е убеден дека сите заедно ќе дадеме придонес за европска Македонија.

Очекува и опозицијата да сфати дека е потребно да изгради став, бидејќи, како што рече на трибина во Виница, лидерство е да се заземе став, да се носат одлуки и да се води народ.

Поддржувачите на референдумот упатија и пораки дека со договорот се потврдени македонскиот идентитет и култура и оти нема бришење на македонскиот народ од преамбулата на Уставот.

– Конечно го потврдивме нашиот идентитет и нашиот јазик кои се македонски. Тоа се работи за кои не се преговара, затоа што сме биле, сме и ќе останеме Македонци, а со Договорот тоа сега ни е признато и од соседите и од сите членки на ЕУ и НАТО. Никој повеќе нема да не негира и никогаш веќе нема да ни го повредува идентитетското чувство со досегашното ФИРОМ. Тоа е важно и за нашите, но и за генерациите што доаѓаат по нас, поради што на референдумот очекувам огромна поддршка од младите, рече вчера Заев.

Текстовите на амандманите на Уставот не се напишани и не е чесно да се пишуваат пред референдумот. Тој процес ќе се одвива транспарентно во македонското Собрание, е исто така една од пораките кои вчера ја испратија поддржувачите на референдумот.

– Не чека процес што е целосно транспарентен и ќе се случува во Собранието. Но уште сега може да потврдиме дека македонскиот народ нема да биде избришан од преамбулата на Уставот, изјави вчера министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Македонскиот народ, рече таа, ќе биде во преабулата затоа што тоа е во духот на Договорот и уште еднаш ќе се потврди дека конститутивните одлуки на АСНОМ ќе бидат потврдени.

Од вчерашните собири со граѓаните, поддржувачите на референдумот испратија и порака дека Договорот со Грција бил неминовен, но оти македонскиот јазик е потврден и преведлив на сите јазици.

–  Македонството не брани со фасадна политика, туку ќе се одбрани ако си ја средиме државата, ако ја подигнеме, ако бидеме побогати и поуспешни и децата да ни остануваат тука и да си извезуваме производи, а не да извезуваме младост, рече шефот на македонската дипломатија Никола Димитров пред струмичани.

На вчерашните трибини уште еднаш беше посочено дека придобивките од влезот во ЕУ и НАТО се големи за Македонија како од безбедносен, така и од економски аспект.

Слични содржини