Поенти референдум: Референдумот е најмоќна демократска алатка, гласот на граѓаните е конечен

од desk4

  Референдумот е најмоќна демократска алатка, гласот на граѓаните е конечен. Граѓанска должност е да се учествува во градењето на македонската иднина преку гласање на референдумот, се дел од пораките што ги упатија вчера поддржувачите на референдумот.

Тие потсетија дека без нашиот глас на референдумот Македонија немаше да биде самостојна, независна и суверена држава и порачаа дека без нашиот глас на рефернедумот, Македонија нема да стане дел од ЕУ и од НАТО.

– Местото на Македонија е во Европската унија и во НАТО, рече претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев синоќа на граѓанската трибина во Кичево, повикувајќи ги кичевци да излезат на 30 септември и да гласаат за европска Македонија.

Тој потсети на референдумот во 1991 година кога Македонија стана независна на што, како што рече, сите сме горди.  – Оваа генерација исто така има историска улога. Ако во 1991 година добивме независна земја, сега треба да ја осигураме и да ја обезбедиме и конечно по 27 години да тргне напред, истакна Заев.

Според него, дилема за референдумот нема, а НАТО и ЕУ ни се единствена алтернатива.

 

Амбасадорот на ЕУ во Скопје,  во интервју за регионалниот веб-портал „Јуропијан Вестерн Балканс“ вели дека референдумот е важен ден за земјата, бидејќи граѓаните на него нема да одлучуваат само за договорот со Грција, туку и за тоа каква иднина сакаат.

– Самото прашање е поврзано со членството во ЕУ и НАТО, но и да не беше така, многу е јасно дека успехот на референдумот и консеквенците што ќе следат – промената на Уставот, се предуслов за земјата да оди напред во однос на нејзините евроинтеграции, псочува Жбогар запрашан за неговите очекувања од референдумот, истакнува Жбогар.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вчера од Охрид порача дека референдумот е крстосницата на која ќе треба да си ја заокружиме и да си ја зацврстиме нашата државност, и тоа со зачуван идентитет како македонски народ кој зборува на македонски јазик.

– Македонија испишува историја, не само национална туку и европска. Со Договорот потпишан со Грција за надминување на разликите околу името имаме уникатна шанса за отворање на вратите на ЕУ и НАТО. Би сакал што посокоро македонските пријатели да ги видам во групата пријатели обединети во двете асоцијации, истакна во Охрид државниот министер за Европа при германското МНР Михаел Рот.

Тој апелираше граѓаните на Македонија да ја прифатат оваа историска можност.  – Доколку го поддржите договорот, тоа ќе биде значаен знак дека Македонците се силно посветени на демократијата, владеењето на правото, независноста на судството, тие ќе станат круцијален дел на обединета Европа. Мора да ја продолжиме нашата соработка, нашето пријателство, заедничките обврски, така што сум голем оптимист во таа насока, рече тој.

Хрватската амбасадорка во Македонија Данијела Баришиќ на вчерашната трибина во Битола истакна дека членувањето во ЕУ и НАТО носи поволности и затоа Република Македонија треба да биде еднаков дел на овие организации.

– Нашето членување во НАТО и ЕУ, нам како држава ни донесе многу поволности, пред се економски, стопански, но и безбедносни. Хрватска е мала држава, но како посттранзициска и постконфликтна, сега е држава за која се слуша и која има ставови кои може да се искажат меѓу најсилните партнери. Сакаме и Македонија да биде еднаков дел на ЕУ и НАТО, рече Баришиќ.

Во таа смисла, нагласи таа,  за референдумот што ќе се одржи на 30 септември, важно е луѓето да знаат како ќе гласаат, и да бидат информирани за тоа каква иднина ги очекува.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на стружани им порача дека процесите кои и претстојат на нашата земја се исклучително важни.

– Ова се историски моменти и можност за приклучок во НАТО и Европската унија, кои не смееме да ги пропуштиме, рече Филипче.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски на средбата со преставниците на граѓанскиот сектор истакна дека со поддршка на рефрендумот се отвараат можности за аплицирање на повеќе проекти од кои краен бенефит ќе имаат граѓаните.

Тој посочи дека секој поединечно треба да донесе одлука како ќе се произнесе на 30-ти, но дека токму граѓанските организации во минатото користеле европски фондови за реализација на проекти од различни сфери.

Слични содржини