Погба за повредата: Не знам колку луѓе навистина знаат што се случи

од Vladimir Zorba

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Пол Погба изјави дека ќе се врати на теренот посилен, по повредата поради која паузираше во поголемиот дел од сезоната.

Погба беше подложен на операција на стапалото и не игра од 26 декември. Тој добро се опоравува и треба да им се придружи на соиграчите кога тренинзите ќе продолжат.

„Јас тренирам со топка. Долго време бев фрустриран. Сега сум скоро подготвен и размислувам да се вратам на теренот и да тренирам со тимот. Никогаш не ми се случило во мојата кариера, но секогаш прифаќам сè на добар начин. Тоа ме прави гладен, да се вратам на теренот и да играм добро, но тоа ми покажува и колку го сакам фудбалот“, рече Погба, пренесе Скај.

Тој играше на само осум натпревари оваа сезона.

„Не знам колку луѓе навистина знаат што се случи. Јас ја повредив ногата за време на натпреварот со Саутемптон. Тоа беше во раните фази на сезоната и ја влечев таа повреда долго време, тренирав и се обидов да играм така. После тоа, дознав дека има скршеница. Носев заштитна чизма и тоа добро мина. Коската се зголеми и кога се вратив на теренот, одиграв два натпревари против Ватфорд и Њукасл и повторно почувствував нешто“, рече Погба.

„Поради ова, морав да направам операција. Сега не чувствувам непријатност и се надевам дека ќе се вратам на теренот многу брзо“, додаде францускиот фудбалер.

Се шпекулира дека Погба летово ќе го напушти „Олд Трафорд“, но тренерот Оле Гунар Солскјер во неколку наврати изјави дека смета на него.

Слични содржини