Поголем број од загинатите биле студенти: Тридневна жалост во Грција по трагедијата

од Stefanija Kuzmanovska

Противпожарната бригада на Грција соопшти дека во синоќешниот судар на два воза кај градот Лариса загинале најмалку 36 лица, а 85 се повредени, поради што во Грција е прогласена тридневна национална жалост, пишува грчки „Екатемерини“.

Од вкупниот број повредени, 66 се задржани на болничко лекување, а шест лица се на интензивна нега, пренесува весникот.

Во акцијата за спасување учествуваат 150 пожарникари со 70 возила и 30 медицински возила.

Меѓуградски патнички воз со околу 350 патници, кој тргнал од Атина за Солун, ја напуштил станицата околу 19:30 часот по локално време и се судрил со товарен воз во близина на Лариса, јавува Би-Би-Си.

Голем број патници биле студенти, прецизира „Екатимерини“.

Противпожарната бригада соопшти дека добила информација за несреќата нешто пред полноќ, додава Би-Би-Си.

Гувернерот на регионот Тесалија Констатинос Агорастос изјави за грчката државна телевизија дека е уништен целиот преден дел на патничкиот воз и додаде дека возовите се судриле на истата пруга, пренесува „Ројтерс“.

„Возовите се движеа со голема брзина, а машиновозачите не знаеја дека им се приближува друг воз“, рече Агоратас.

Слични содржини