Погрешна перцепција: Колку често младите луѓе имаат секс?

од desk2

Како дел од долгогодишното истражување на институтот Ипсос за погрешната перцепција на луѓето, беше опфатена и анкета за тоа колку често младите луѓе во САД и Велика Британија на возраст од 18 до 29 години имаат секс во период од четири недели.

Просечниот одговор за тоа колку често имаат секс младите мажи во овие две земји е 14 пати во еден месец, а вистинската бројка е само 5 за Британците и 4 за Американците, покажаа резултатите од деталната анализа за сексуалното однесување на младите.

Претпоставката вели дека во просек, младите мажи имаат секс секој втор ден, што би значело 180 пати годишно, во споредба со „приземјената“ реалност од околу 50 пати. Меѓутоа, тоа не е најголемата грешка во општата перцепција – мажите многу почесто имаат погрешна претстава за тоа колку секс имаат младите жени, и во САД и во Британија.

Мажите мислат дека младите жени во овие две земји имаат неверојатно многу секс – 22 пати месечно во Британија и 23 пати месечно во САД. Претпоставката би значела дека младите жени имаат секс речиси секој ден, а реалната бројка всушност е пет пати месечно.

Зошто перцепцијата е толку искривена?

Како и во повеќето случаи на погрешна перцепција, објаснувањето за ова би се состоело во тоа како размислуваме и што ни е кажано.

Опстанокот на човечкиот вид зависи од сексот. Сепак сексот е најчесто погрешно перцепирана појава, бидејќи за разлика од другите основни човекови однесувања, каде може да добиеме подобри сознанија за општествените норми со набљудување, сексот главно се одвива зад затворени врати.

И бидејќи немаме пристап до реални информации што би биле подложни на споредба, се потпираме на други „проверени“ извори: машки муабети во соблекувална и на игралиште, сомнителни онлајн анкети, еднострани медиумски објави и порнографија. Овие „извори“ даваат екстремни примери и потенцијално опасни анегдоти што ја искривуваат нашата перцепција за реалноста.

Исто така треба да се земе предвид и степенот на „признавање“ на бројот на сексуални партнери кај мажите и кај жените.

Тука нема големо изненадување: бројот на сексуални партнери што ги „признале“ жените е далеку, далеку помал од бројот на сексуални партнерки што го приложиле мажите, што е статистички невозможно, бидејќи се поставува прашањето – со кого имаат секс мажите, со оглед на тоа дека биле анкетирани хетеросексуални мажи.

Има неколку можни објаснувања за ова – од можноста мажите да бројат и сексуални средби со проститутки, до тоа како мажите и жените различно го толкуваат прашањето (жените не „бројат“ одредени сексуални дејствија како мажите, на пример орален секс).

Слични содржини