Полициско обезбедување пред Свети Спас (ФОТО)

од Nikola Popovski

На пред два дена пред чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, полициски службеници веќе во поголем број се поставени во околината на црквата Свети Спас, каде што се наоѓа неговиот гроб.

МВР утрово соопшти дека од денеска од 18.00 часот за сообраќај ќе биде затворена ул.„Самоилова“, на потегот од ул.„Иљо Војвода“ (виадукт Самоилова) до крстосницата со ул.„Прохор Пчински“, а на 04.02.2023 година (сабота) посебен режим на сообраќај ќе се спроведе на ул.„Лазар Личеновски“ и ул.„Самоилова“.

Ова доаѓа откако се најавени стотина бугарски државјани, но и македонски граѓани со бугарска самосвест кои сакаат да дојдат и да му оддадат почит на револуционерот. Целта на МВР е се да помине во најдобар ред и мир, без непотребни провокации и тензии кои би ги нарушиле односите на релација Скопје-Софија.

Во Бугарија пак се проверуваат граѓаните кои во сабота имаат намера да дојдат во Скопје. Заменик-началникот на бугарската полиција Станимир Станев изјави дека во врска со чествувањето само пред два дена, дури три пати се слушнал со надлежната полициска институција во Македонија.

Министерот Оливер Спасовски денеска изјави дека не може да стане збор за никакво политичко чествување.

– Најважно е да направиме добра организација и да имаме чествување како што му доликува на Гоце Делчев и мислам дека во ниту еден случај не може да стане збор за никакво политичко чествување, рече Спасовски.

Ваквата напната ситуација доаѓа после претепувањето на генсекот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, кој веднаш наредниот ден со авион беше однесен на лекување во Софија.

Фото: Локално

Слични содржини