Политичките превирања на штета на наставниците, суштинската расправа за законот тапка во место

од Берта Китинска

Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование, предизвика бурна расправа меѓу пратениците од власта и опозицијата кои имаат спротивставени ставови околу зголемувањето на платите во образованието, а воедно ги подели и синдикалците.

Од ССМ повикуваат на блокирање на Собранието поради наставниците што немаат решен работен статус, додека СОНК најавува штрајк доколку платите не им се зголемат на просветните работници.

Бројката од 4.700 наставници на определено време на кои им е потребна трансформација на работните места за СОНК не е реална.

-Сметаме дека таа бројка не е реална, односно дека во просек околу 60 вработени на ниво на општина не се трансформирани. Можеби има дел на наставници кои предаваат изборни предмети и не се трансформирани, за што треба дополнување во законот или уредување на нивното право на работа со колективните договори, објаснуваат во изјава за „Локално“, од СОНК.

Оттаму велат дека се подготвени да разговараат со ССМ, со цел да ги усогласат ставовите, доколку се работи за синдикални прашања.

-Повикување на протест заради нешто што веќе повеќе од 10 години функционира, се мисли на комисиите за трансформација на работни договори на локално ниво, за нас е без предметно. Трансформациите тековно течат и не гледаме причина на загриженост на наставниците дека ќе останат без работа, се разбира ако ги исполнуваат законските норми, посочуваат од Синдикатот за образование, наука и култура.

Од ССМ велат дека нивното барање е да се дадат договори на сите наставници на неопределено време, без разлика на приправничкиот стаж. Тие посочува дека бараат да се трансформира договорот за вработување на наставниците.

Од СОНК сметат дека политичките превирања во Собранието се на штета на наставниците.

-Политичките превирања во собранието е вообичаено за нашиот парламент. Во секој случај е на штета на наставниците, особено за прашања кои се во сферата на социјалниот статус на вработените. Многу одговори на отворените недоразбирања се предвидени во колективните договори за основно и средно образование кои за жал, сеуште не се потпишани, посочуваат од синдикатот.

Тие напоменуваат дека штрајкот ќе се реализира доколку не им се покачат платите, додавајќи дека поддршката од директорите е добредојдена и посакувана.

-Штрајкот претставува прекин на работниот процес, што би значело дека во градинките нема да се згрижуваат, негуваат и образуваат дечињата, во училиштата нема да се примат учениците и да се држи настава како и активностите на вработените во ученичките и студенски домови би биле прекинати. Поддршката од директорите е добредојдена и посакувана, од причина што зголемувањето на платите би важело и за нив а со оглед дека имаат повисоки плати и сумата би била повисока, објаснуваат од СОНК додвајќи:

„Доколку и власта и опозицијата го слушаат гласот на вработените во образованието, во тој случај многу лесно и безболно ќе се усогласат во ставовите, а во интерес на тие кој што ги бирале и овозможиле да станат пратеници“.

Наставниците кои не сакаат да говорат со име и презиме велат дека во образовниот систем владеат партиски игри.

-Постои големо незадоволство кај просветните работници.Тие се под голем притисок и мобинг, вели одделенски наставник во едно скопско училиште кој сакаше да остане анонимен.

Се обидувам да се вработам како одделенски наставник во некое од скопските училишта, вели една наставничка која бара работа 3 години.

Таа посочува дека потребно е да имаш партиска книшка за да можеш да се надеваш на вработување во некое училиште.

Од 2009 година пак согласно измените на овој закон во дејноста образование, наставниците можат да добијат решение за неопределено време по само две години стаж, од кој едната година се стажира под менторство на постар наставник, а потоа се полага стручен испит.

Законот за наставници е во собраниска процедура од мај минатата година, но суштинската расправа уште не е ни почната.

Според СДСМ, ова законско решение предвидува зголемување на платите на сите наставници и стручни соработници во основното и средното образование со раст на минималната плата.

– Важни се измените на Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, а со кои 27.000 наставници ќе земат повисока плата, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги блокираат речиси цела година“, изјави во Собранието пратеничката на СДСМ, Санела Шкријељ.

За ВМРО-ДПМНЕ, пак, овој закон е спорен бидејќи на мала врата се овозможува груба партизација во образованието, а за повисоки плати владата треба само да го почитува колективниот договор.

-Платите се регулираат со колективните договори, сè останато е ветер и магла. Имаме колективен договор, излегов на прес-конференција, направив симулација според кои параметри споредено со новата минимална плата треба да се нивелираат платите на вработените во градинките, основните и средните училишта, еве на 1 март платните листови нека ги нивелираат министерот за финансии и министерот за образование, ние ќе го поддржиме тоа, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Б.М.

Слични содржини