Полицаец од САД усмртил човек во инвалидска количка (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Полицаец од американскиот град Тусон во Аризона застрелал човек во инвалидска количка, испукајќи девет куршуми, а полициската управа му подготвила отказ.

Во понеделникот вечерта Ричард Ли Ричардс (61) бил во својата моторизирана инвалидска количка и се движел кон влезот на супермаркетот „Лоус“ во Тусон, кога зад него се појавил полицаец со репетиран пиштол.

Ова се случило откако вработен во „Волмарт“, кој го дели просторот со „Лоус“, го предупредил полицаецот дека видел Ричардс како земал кутија со алати без да плати, објави „Вашингтон пост“.

Вработените и полицаецот Рајан Ремингтон го следеле Ричардс низ паркингот, а во еден момент Ричардс замавнал со нож кон вработениот, додала полицијата.

„Не влегувајте во продавницата, господине“, извикал Ремингтон додека Ричардс се движел кон „Лоус“.

Ремингтон тогаш, како што се појавува на видеото без предупредување, му пришол на Ричардс одзади и од кратко растојание испукал кон него девет куршуми.

Во вторникот, началникот на полицијата во Тусон, Крис Магнус, им изјави на новинарите дека полициската администрација започнала постапка за отпуштање на Ремингтон, додавајќи дека обвинителството го истражува инцидентот.

„Да бидам јасен, јас сум длабоко загрижен за акцијата на полицаецот Ремингтон. Неговата употреба на смртоносна сила во овој случај е очигледно кршење на законот и директно противречи на неколку аспекти од нашата обука за употреба на оружје“, рече Магнус, пренесе Танјуг.

 

Слични содржини