Полицијата бара одговори од Борис Џонсон за локдаун-забавите

од Берта Китинска

Расте притисокот врз британскиот премиер поради забавите за време на локдаун. Борис Џонсон и над 50 учесници на „журките“ добиле прашалници од полицијата.

Британските медиуми веќе шпекулираа дали и премиерот ќе биде меѓу оние кои ќе ги испрашува полицијата, а сега дојде и потврда. Во рамките на истрагата за редицата забави за време на локдаунот, британската полиција му испратила писмо со прашања, на кои тој ќе одговори, изјави владин портпарол.

Полицијата во средата најави дека во рамките на истрагата за најмалку дванаесет собири во Даунинг стрит 10 во 2020 и 2021 година, ќе испрати прашалници до преку 50 лица, за кои се претпоставува дека учествувале на забавите во резиденцијата на премиерот. Лицата треба во рок од седум дена да ги наведат своите активности на одредените денови. На сите ним им се закануваат парични казни поради прекршување на антипандемиските правила. Во време на забавите во мај, јуни и ноември и декември 2020, како и јануари и април 2021 година, во Велика Британија беа во сила строги ограничувања на контактите и забрана за забави.

Според весникот „Тајмс“, Џонсон правно се подготвува за евентуално полициско сослушување. Тој ќе ангажира приватен адвокат, специјализиран за ковид-регулативата, кој ќе го плати од свој џеб, известува весникот, повикувајќи се на свои извори. Одбраната би се базирала првенствено на фактот што Даунинг стрит за премиерот не е само работно место, туку тој и живее тука. Многу од корона-правилата во тоа време не дозволуваа напуштање на домот без нужна причина.

Британскиот премиер во изминатите недели се најде под огромен притисок поради скандалите со славјата во неговата резиденција, на кои обилно се консумирал алкохол, за време на пандемијата. Џонсон постојано демантира учество на нелегални манифестации и прекршување на антипандемиските мерки.

Повеќе пратеници од Конзервативата партија на Борис Џонсон јавно побараа негова оставка. Жестока критика упати поранешниот конзервативен премиер Џон Мејџор, префрлувајќи му на Џонсон дека лаже и му наштетува на угледот на Обединетото Кралство. Меѓународниот углед на Велика Британија е сега „распартален“, изјави Мејџор. Тој е веќе втор конзервативен претходник на Џонсон на функцијата, кој го критикува поради обелоденувањето на забавите. Минатата недела и Тереза Меј го обвини актуелниот премиер за непридржување кон правилата.

Слични содржини