Полицистични јајници – толку чести, а толку ретко се зборува за нив

од Elena Daskalova

Синдромот на полицистични јајници некогаш беше многу поредок отколку денес, но повеќе од сигурно е дека познавате барем една жена од својата блиска околина која страда од овој синдром, или пак, можеби тоа сте вие.

За полицистичните јајници причина е хормонално нарушување, а што пак, го предизвикува тоа хормонално нарушување уште не е дефинирана точна причина. Кај некои жени овој синдром е наследен, кај други е последица на лош животен стил, а се почести се оние кои преживеале голем стрес или траума и тоа го предизвикало целокупниот дисбаланс.

Симптомите се различни од жена до жена. Кај едните е забележливо необјасниво дебелеење во пределот на долниот абдомен и коловите, но други слабеат или пак не ја менуваат тежината. Косата може да заслабне, да се масти побрзо, да паѓа со поголем интензитет, а на лицето може да се појават болни воспалени акни и влакненца на долната линија на брадата. Месечниот циклус најчесто задоцнува или изостанува, а кај некои жени, чудно, но е редовен. Проблемот се појавува при зачнувањето.

Најнесреќните ги имаат сите лоши симптоми наеднаш, а има и такви жени кои имаат некои од нив. Но, во секој случај, факт е дека се работи за сериозно нарушување кое во денешно време погодува голем број девојки и жени од најразлични возрасти.

За жал, овие жени и девојки често страдаат од депресивни епизоди, промени во расположение и проблеми со секојдневното нормално функционирање. За тоа придонесува најмногу хаосот од хормоните кој се случува во нивното тело, а потоа и отежнатиот метаболизам и неправилната размена на материи во телото.

Одржувањето на телесната тежина е како маѓепсан круг. Хормоните го заслабнуваат метаболизмот, па дури и најздравата храна тешко се процесира, а од друга страна, слабеењето е препорачливо бидејќи дури и 2-3 изгубени килограми може да направат значајна разлика во поднесувањето на синдромот. Тука проблем прави и желбата за калорична храна, која доаѓа од прекумерното лачење на инсулин, непотребно, бидејќи шеќерот е во границите на нормалата.

Уште почесто, овој синдром е причина и за други заболувања, како што се дијабетес тип 2, тахикардија, па дури и ендометриоза. Не постои единствен тест со кој се дијагностицира, па затоа гинеколошките прегледи се задолжителни, како и редовните контроли.

Слични содржини