Полк. Марковски: Путин може да одговора пред Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства, но кој од Русија би го испорачал?

од Vladimir Zorba

Тоа што претседателот на САД го нарекува Путин воен злосторник, тоа се политички идили, за да дојдеме до суштината за вистината што таму се случува требаат судски докази, односно на Меѓународен кривичен суд кој преку свои обвинители ќе ги истражи дејствијата и ќе дојде до вистината, вели во разговор за „Локално“ полковникот во пензија и поранешен портпарол на македонската Армија, Благоја Марковски.

Дециден е дека треба да се има во предвид дека засега никој не располага со 100 процентни докази за тоа што точно се случува во Украина, иако добиваме информации и слики од катастофални случувања во Украина.

– Треба да бидеме резервирани се додека не добиеме вистински информации што се случува. Знаете во војната се вели: „прво што умира е вистината“. Оттука можеме да имаме информации од едната страна, но не и од другата. Пропагандата си го прави своето и оттука јас малку сум резервиран за тоа што се случува во Украина, додава тој.

Според Марковски, воени злосторства се кршења на законите на војната што доведува до индивидуална кривична одговорност заради намерно убивање на цивили или воени заробеници, уништување на цивилен имот, сексуално злосторство, насилство врз лица и слични незаконски дејства.

– Сето ова, како дефиниција за воени злостоства ќе го истражи Меѓународниот кривичен суд во Хаг и врз основа на тоа ќе се поднесе обвинение против сторителите или против оние кои тоа го наложиле. Во воените дејствија се случуваат многу катастрофални работи од тој аспек, законикот на Меѓународен кривичен суд подразбира и командна одговорност односно гонење на лица од комадна одговорност иако тие директно не учествувале, а тоа значи и дека претседателот Путин и генералите кои ја планирале оваа операција да бидат обвинети за воени злосторства без оглед дали тие директно учествувале во воените злосторства, како што тоа го прават единиците што се на територија на Украина, истакнува полковникот.

Од тој случај, додава, сепак е тешко да се дефинира што точно се случува во Украина, кои воени злосторства ако ги има се направени, а тоа исклучително ќе го направи Меѓународниот кривичен суд, додека сето ова што го слушаме деновиве се само политички изјави врз основа на она што располагаат, како што ги нарекува, „нивните поданици за следење и известување на воени дејствија“.

Марковски смета дека Меѓународен кривичен суд може да го осомничи, да го обвини Путин или генералите на руската армија но, прашање е дали тие ќе бидат испорачани или на нив може да им се суди во отсуство.

– Тие можат да се гонат, но сега е прашање кој нив ќе ги испорача пред меѓународниот Кривичен суд, да тие одговараат. Во не така далечно минато ние имавме ситуација кога по распадот на поранешната Југославија се формира специјален Кривичен суд за злосторства на териорија на Југославија како дел од Меѓународен суд и таму се истражуваа воени злосторства, но предходно сите републики од поранешна Југославија потпишаа договор и согласност со Меѓународниот кривичен суд дека ќе ги испорачаат тие обвинети или осомничени за сторени кривични дела. Овде сега се поставува прашањето кој тоа ќе ја натера руската федерација, пример да го испорача Путин пред Меѓународниот кривичен суд за да тој би одговарал, вели Докторот по воено-политички науки.

Посочува дека треба да се има во предвид дека ова не е прв пат надвор од препораките на Советот за безбедност на Обединети Нации некоја земја да изврши операции и инвазија врз друга земја и територија.

– Да потсетам на ситуацијата во Сирија, Либија, блискиот исток имавме многу вакви ситуации каде никој не одговараше. Но, тоа не значи дека не треба да се одговара ако навистна се дојде до докази дека на територија на Украина се направени воени злосторства. Имајќи ја во предвид силата на Русија, кој тоа може да им наложи да тие ги испорачаат Путин и неговите генерали пред Меѓународниот суд на правда, прашува Марковски.

Бидејќи се работи за воени дејствија, полковникот во пензија тврди дека тие можат да бидат обвинети за воено злосторства, но не гледа во кои други насоки можат да бидат обвинети или истражени.

– Пред да се случат овие дејствија во Украина, постоеше мировен план така наречен Минск 1 и 2 од 2014 и 2015 година каде како пописници беа Фанција, Германија и Русија и требаше да се реши проблемот со региот на Донбас, односно териториите на Доњецк и Луганск, но иако беше потпишан Минск 1 и Минск 2 и од страна на Украина и од страна на Русија, Украина тоа не го исполни и од тој аспект не можеме да зборуваме за една црно-бела слика дека исклучително станува збор за самоиницијативна активност на руската федерација, туку постојат некои причински-последични услови кои доведоа до инвазија во Украина. Од тој аспект може да се каже дека некои други околности можат да доведат да се случат вакви злосторства, но тоа е работа на судот. Меѓународниот кривичен суд ќе процени дали тие треба да се гонат и обвинат поради воени злосторства или некои други нивни дејанија кои довеле да се случат ваквите работи во Украина, смета Марковски.

Според претседателот на Балканскиот форум за безбедност, Меѓународниот кривичен суд може да ги гони злосторствата извршени во Украина бидејќи има ингеренции, има свое обвинителство и истражни органи и пред да се донесе одлука за поведување на судкса постапка мора да се извршат истражувања на терен.

– Тука ќе бидат сослушувани сведоци, ќе се сослушуваат наоди и извештаи на невладини организации како што е „Хјуман Рајтс Воч“, невладина организација која исклучително се занимава со истражување на воени злосторства и сите тие ќе дадат свои изјави и врз основа на тоа ќе се дојде до заклучок да се поведе постапка за утврдување на воени злосторства од Путин, генералите или руска федерација врз Украина. Тоа е процедурата на Кривичниот Суд, мора да се има докази од лице место, а не политички изјави, вели Марковски.

М.А.

Слични содржини