Полн стадион на рок-концерт во Данска, за прв пат од почетокот на пандемијата

од Nikola Popovski

Данските медиуми објавија за волшебната ноќ, еден ден откако десетици илјади луѓе присуствуваа на рок концерт во Копенхаген, што е прв таков настан на полн стадион во Европа од почетокот на пандемијата, велат организаторите.

Откако Данска ги укина последните епидемиолошки ограничувања пред два дена, околу 50.000 луѓе беа во можност да присуствуваат на концертот на рок бендот „The Minds of 99“ на стадионот Паркен во саботата.

Од петок, Данците не мора да покажуваат т.н ковид-потврда, која докажува дека лицето е вакцинирано, го прележало или е негативно на Ковид-19, за големи настани како што се концерти, фудбалски натпревари или за влез во ноќни клубови, кои штотуку се отворија.

Локалните медиуми го прогласија настанот за „историски“.

„Имаше магија во воздухот, а се наежив на рацете“, пишува весникот Екстра Бладет, мислејќи на еуфоричната атмосфера на концертот по неколкумесечните ограничувања на друштвените собири.

Foto: Olafur Steinar Gestsson / AFP / Profimedia

„Јасно е дека на луѓето им недостасуваше дружење на добар концерт. Расположението е апсолутно фантастично“, напишал новинарот на споменатиот весник, кој известуваше од настанот.

Во пресрет на концертот, сите невакцинирани посетители можеа да се вакцинираат во близина на стадионот, што ги објави владата.

Пред секој голем концерт и слични настани во иднина ќе бидат поставени места за вакцинација, со цел да се поттикнат, особено младите, да се вакцинираат, објави Министерството за култура.

Досега, повеќе од 83 проценти од Данците над 12-годишна возраст се целосно вакцинирани против Ковид-19.

Фото: Olafur Steinar Gestsson / AFP / Profimedia

Слични содржини