Помпео ја реафирмира посветеноста на САД во борбата против насилството врз жените

од Maja Serafimova

САД со гордост ја потврдуваат посветеноста во одбрана на правото на жените и девојките низ целиот свет да живеат без насилство, се вели во денешното соопштение на американскиот државен секретар Мајк Помпео а по повод Меѓународниот ден против насилство врз жените.

САД го признаваат вродениот дигнитет што го поседуваат жените и девојките и се намерени да ја заштитуваат безбедноста на жените и девојките низ целиот свет, како и тоа да го култивираат нивниот развој како идни светски лидери.

Помпео истакна дека насилството на полова основа само по себе претставува светски проблем со кој годишно се судираат милиони жени и девојки во сите области на животот, во образованието, на работата или во семејството.

Според него, овој проблем ги поткопува мирот и безбедноста и ги ослабува социјалната стабилност и економскиот развој.

-За искоренување на насилството на полова почва потребни се координирани напори и непоколеблива решеност на државите, приватиот сектор и граѓанското општество, истакна Помпео.

Денеска, 25 ноември, ширум светот се одбележува Меѓународниот ден против насилство врз жените, официјално прогласен со резолуцијата на ООН 54/134, од 1999 година, а мотото годинава е: „Обојте го светот портокалово: Генерацијата еднаквост против силувањето”.

Слични содржини