Помпео: Кина ја злоупотребува смртта на Џорџ Флојд

од Vladimir Zorba

Американските власти ја обвинија Кина дека на „одвратен начин“ ја злоупотребува смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина откако беше приведен во полициски притвор.

„Кинеската комунистичка партија одвратно ја користи трагичната смрт на Џорџ Флојд за да го оправда своето авторитарно негирање на човековото достоинство и уште еднаш го покажува своето вистинско лице“, рече американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео.

Според него, како и во сите диктатури низ историјата, „ниту една лага не е доволно груба кога е во интерес на владејачката партија“. Помпео оцени дека разликата меѓу двете земји може јасно да се види.

„Нашите медиуми се слободни и ги опфаќаат сите настани од почеток до крај, така што целиот свет ќе разбере што се случува“, рече Помпео.

Кинеските власти неодамна објавија дека во САД владее „хронична болест“ на расизмот, оценувајќи дека таа земја користи двојни стандарди.

Кинеското Министерство за надворешни работи го спореди насилството во САД на протестите против расизмот по смртта на Флојд и протестите што го потресе Хонг Конг минатата година.

„Зошто Соединетите држави ги сметаат поддржувачите на насилството и таканаречената независност на Хонг Конг за херои а ги сметаат за криминалци оние кои го осудуваат расизмот“, рече неименуван портпарол на кинеската дипломатија.

Слични содржини