Помпео: САД се загрижени за турските активности во источниот Медитеран

од Vladimir Zorba

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изрази длабока загриженост за турските активности на истокот на Медитеранот, на кои се спротивставуваат Грција, Кипар и Европската унија.

„Остануваме длабоко загрижени за турските операции за барање природни ресурси во областите на источен Медитеран за кои Грција и Кипар тврдат дека им припаѓаат“, рече Помпео по состанокот во Никозија со кипарскиот претседател Никос Анастасијадис.

Помпео дојде на Кипар од Доха, каде во саботата започнаа разговорите меѓу авганистанската влада и талибанските бунтовници за мировен договор.

Шефот на американската дипломатија остана на Кипар само неколку часа, пренесува Блумберг.

Грција и Кипар ја обвинуваат Турција за потрага по наоѓалишта на нафта и гас во нивните води, додека Анкара вели дека има еднакви права на изворите во тие води.

Грција и Турција тврдат дека имаат право да ги искористат енергетските ресурси во спорната област. Турција испрати истражувачки бродови, а членките на ЕУ испратија бродови за поддршка на Грција.

Анкара и Атина изведуваат воени вежби со фрегати и авиони.

loading...

Слични содржини