Поништена вчерашната одлука: Вратено старото упатство за важечки и неважечки ливчиња

од Nikola Popovski

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница изгласа поништување на вчера донесената измена на Упатството за важечки и неважечки ливчиња.

Од таму потенцираат дека ставањето печат на секое гласачко ливче е задолжително и дека непочитувањето на овој дел од Изборниот законик ќе се гони кривично.

-ДИК на вчерашната седница не го отстрани ставањето на печат на гласачкото ливче. Ставањето на печат на гласачко ливче е задолжително согласно со член 109 став 2 од Изборниот законик. Со тоа секој член на избирачкиот одбор кој работи со гласачките ливчиња задолжително треба да стави печат на гласачкото ливче на местото предвидено за печат. Ваквата измена на Упатството за примена на член 110 од Изборниот законик произлезе од пресудата на Управниот суд каде што меѓудругото се вели: во таа смисла недозволиво е поради пропусти направени од членови на избирачкиот одбор гласачите кои гласале и ја изјавиле својата волја на гласањето, нивните гласачки ливчиња кои немале печат да се сметаат за неважечки“.

Поради ова ДИК го измени Упатството за важечко и неважечко гласачко ливче само во делот каде што се вели дека гласачко ливче е неважечко ако на него нема ставено печат со интенција да се почитува волјата на гласачот доколку е направен намерен или ненамерен пропуст од страна на избирачкиот одбор, објасни претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Членовите на ДИК признаваат дека промената на ставот ја направиле под притисок на јавноста, но тврдат дека одговорноста треба да се бара не кај нив туку во Управниот суд.

На 31-ви се одржува вториот круг од седмите локални избори во земјава.

ДИК во четврток ќе ги дистрибуира гласачките ливчиња и изводите од Избирачкиот список за вториот круг од Локалните избори до Општинските изборни комисии, а во петок ќе се доставуваат терминалите за отпечатоци од прсти.

Слични содржини