Попис дефинитивно во април

од Берта Китинска

Пописот на населението дефинитивно ќе се одржи од 1 до 21 април, изјави  премиерот Зоран Заев.

Тој упати повик до политичките партии и до граѓаните, да го поддржат процесот на попишување, како што рече, најважната операција која треба да се спроведе периодов

– Девет години дебатираме за попис, дебатата за одложување на пописот заврши. Тој ќе даде одговори кои се толку многу важни. Ќе се одржи од 1 до 21 април. Методологијата е веќе објавена. Обврска на секој граѓанин е да се потпише, има сериозни санкции за одбивањето и недавањето одговори. Тоа е граѓанска обврска. Ги повикувам сите сериозно да пристапиме кон оваа статистичка операција и да ја исполниме нашата граѓанска должност, рече Заев на денешната прес-конференција.

ВМРО ДПМНЕ поднесе иницијатива до Собранието за почеток на собирање граѓански потписи со кои сакаат да го поништат законот за попис, но спикерот Џафери ја одби затоа што не ја напишале придавката “северна” во името на институцијата.

Статистичка операција

Во оваа статистичка операција што треба да се одржи од 1 до 21 април, ќе учествуваат најмалку 1.500 попишувачи, вклучувајќи и одреден број од нив како резервни, како и 50 пописни комисии. Еден месец претходно, од 1 во 15 март, ќе се попишуваат лицата што работат во дипломатско-конзуларните претставништва, воените претставници во странство, но и објектите што се во државата, а се тешко достапни за попишувачите, затворениците, бездомниците, лицата со попреченост.

Од 1 до 21 април ќе се попишат сите други државјани на Македонија. Со пописот ќе се прибираат податоци и за лицата отсутни во странство повеќе од една година, со цел да се добијат порелевантни податоци за бројот на отселените лица од земјата.

Слични содржини