Пописот трае до 30 септември и никој нема да биде пропуштен или изоставен од овој процес

од Nikola Popovski

„Влегуваме во последната фаза од пописните активности на терен во која се привршуваат сите активности, што се спроведуваа во последните 20 дена. Апелираме до граѓаните да бидат трпеливи. Пописот трае до 30 септември и уверуваме дека никој нема да биде пропуштен или изоставен од овој процес. Токму од овие причини, Државниот завод за статистика ќе им овозможи на сите оние граѓани, кои по кој и да е основ не успеале да остварат контакт со попишувачот, кој поминал во нивниот пописен круг, но не ги нашол, да можат да се попишат на одредени локации во својата општина”, беше истакнато на тематската прес-конференција на портпарол на Владата на Република Северна Македонија Муамет Хоџа, која ја одржа заедно со Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика.

Тој информираше дека заклучно до денеска во 12:00 часот попишани се вкупно 1.395.000 граѓани, над 435.000 домаќинства и над 600.000 станови, како и дека се самопопишани 195.477 граѓани од дијаспората.

„Од името на Владата сакам да се заблагодарам до сите граѓани, кои веќе ја исполнија оваа граѓански должност и апелирам до останатите во земјава и до сите во дијаспората кои досега не се попишани, да го сторат истото. Податоците од Пописот на населението, становите и домаќинствата во иднина ќе ни помогне за долгорочно планирање на политиките, реформите и проектите од значаен интерес за државата и граѓаните”, истакна портпаролот Хоџа.

Слични содржини