Попоски бара оставка од Димитров: Ерменската афера е во негов мандат, можел веднаш да го реши проблемот ако сакал

од Nikola Popovski

Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски реагираше на ситуацијата со дипломатскиот скандал и побара оставка од актуелниот Никола Димитров.

„Фактите се едноставни: целата ерменска афера е во негов мандат, ако сметал дека некој од вклучените не треба да биде каде е, можел веднаш да го реши проблемот, ако сакал да премести некој исто можел веднаш“, вели Попоски.

По македонскиот дипломат Миле Миленковски Ерменија распишала потерница на 25 февруари минатата година под сомнение дека му помогнал на ерменски тајкун кој се барал за повеќе кривични дела илегално да ја напушти земјата.

За разјаснување на дипломатскиот скандал и во интерес на точно информирање на јавноста, укажувам на следниве факти и информации за односниот дипломат, напиша вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров на својот Фејбук профил наведувајќи неколку факти.

– Тој бил испратен во Мисијата на ОБСЕ во Виена во 2015 год., кога со МНР раководи друг министер. Неговото барање за продолжување на мандатот е одбиено од моја страна.

– Во 2019 година во МНР се добиени првите индиции дека ќе се води истрага за постапки на односните вработени, меѓу кои и за овој дипломат. Но, во тоа време немаше никаква информација за потерница и секако немаше пресуда. Сепак, МНР имајќи ја предвид истрагата и токму врз основа на овие индиции, не дозволи овие лица да бидат упатени на служба во странство. МНР за најавената истрага написмено ги информираше безбедносните служби, кои меѓу другото се надлежни и за безбедносни сертификати и проверки.

– Согласно Законот, на дипломати во МНР не може да им биде поништена дипломатска патна исправа, освен при одземање на безбедносен сертификат што е во надлежност на друга институција, односно престанок на работниот однос.

– Потерницата од Интерпол е распишана во февруари 2020 год., долг период по враќањето на дипломатот од Виена и за тоа не е доставена информација до МНР во времето додека бев таму на должност.

– Како и зошто сега бил упатен на служба токму тој дипломат и тоа во Мисијата при ОБСЕ, немам информации, објави вчера Димитров.

Премиерот Зоран Заев денес кажа дека ние ќе постапиме согласно меѓународните документи, но оти исто така ќе ги дознаеме и сите правни акти како да се заштитат нашите граѓани.

-Ние не можеме за наш граѓанин да преземеме било какви дејствија ако тоа некој не го побара. Овој дипломат, како што сум информиран, низ целата своја кариера дел од времето е надвор, дел е во земјава. Не сакам да навлегувам во деталите и причината зошто е побарана меѓународна потерница и дека се бара екстрадиција. Не ги знам деталите и сакам да ги дознам, ќе се распрашам како е докажано дека тоа е така, што се случило. Нормално е дека како земја која ги почитува меѓународните договори и узанси ние ќе постапиме соодветно на тоа. Но, секако тоа е наш граѓанин и ќе сакаме дополнително да ги дознаеме сите правни акти кои се, зашто пред сè должност ни е да ги штитиме нашите граѓани, но истовремено да го штитиме законот и меѓународното право , рече Заев.

Слични содржини