Поповски: Можна е должничка криза, владата треба да почне да штеди

од Nikola Popovski

Универзитетскиот професор Никола Поповски смета дека зголемувањето на јавниот долг на 64,4 проценти од бруто домашниот производ го отвара патот земјава да падне во должничка криза. Тој апелира дека ако не почне владата да штеди, ќе имаме сериозни проблеми.

-Многу од земјите имаат проблеми со отплатата на јавниот долг, особено ако се користи непродуктивно, а тој сега се користи непродуктивно зошто служи да ги финансира оние делови од економијата што во нормални прилики би остварувале некои доход кои сега го губат поради пандемијата. Тоа сега изгледа лесно, прифатливо за политичарите и за сите зошто на еден начин ги ‘бајпасира’ кризните проблеми, но тоа ќе остане и ако не се стави крај, да се почне со штедење, може да завршиме во поголеми проблеми, вели Поповски во изјава за Ал сат ТВ.

Според него, Владата уште сега мора да почне со креирање на политики за штедење и конкретни планови како економијата да остварува раст.

-Јавниот долг од сега ќе мора многу порационално да се користи, не да ги гасне малите пожари кои се појавуваат во економијата, туку да се размислува да се користи за идниот раст на економијата, што сега не е случај заради кризата, додава поранешниот министер во владата на СДСМ.

Јавниот долг за три месеци порасна за 213 милиони евра, или достигна 64,4% од БДП, објави министерството за финансии скриено низ табовите на веб страницата, за никој да не го најде, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Овој податок е шверцерски објавен, без никакво јавно известување, на сред продолжен викенд, од страна на институцијата која се промовира дека била најтранспарентна, подвлекуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Со ова јавниот долг достигна 7,4 милијарди евра, или за 2,7 милијарди евра повисоко во однос на 2016 година, додаваат од најголемата опозициска партија.

Слични содржини