Поради аферата „респиратори“, првите луѓе на словенечката полиција си поднесоа оставка

од Vladimir Zorba

Поради кривична истрага против словенечкиот министер за економија, Здравко Почивалешек, словенечкиот полициски директор и министер за внатрешни работи Алеш Хојс во понеделникот неотповикливо си поднесе оставка, велејќи дека станува збор за политички мотивирана постапка, насочена кон соборување на владата на Јанез Јанша.

Говорејќи на прес-конференција во Љубљана, Хојс рече дека поради „политички мотивираната“ истрага, во која еден од коалиционите партнери на премиерот Јанша и вицепремиерот Здравко Почивалешек е осомничен дека нанел штета на јавни средства при набавка на респиратори за време на корона кризата, доставил неотповиклива оставка до Премиерот, што беше прифатена и дека ќе ги извршува своите должности до назначувањето на нов министер, пренесува Хина.

Хојс потврди дека неотповиклива оставка дал и директорот на полицијата, Антон Травнер, кој бил на годишен одмор во моментот кога била покрената истрагата и претресот во куќата на министерот Почивалешек.

Истрагата против Почивалешек ја води Националната канцеларија за истраги (НПУ), специјален криминален оддел за сериозни случаи, а започнувањето на постапките беше најавено во петокот од весникот „Младина“ и некои портали блиски до опозицијата.

Коментирајќи го случајот, односно претресувањето на куќите на Почивалешек и неговите соработници во Министерството за внатрешни работи, Хојс рече дека преземал политичка одговорност со својата оставка, но дека станува збор за политички мотивирани активности, „во согласност со желбата да ги дискредитираат министрите и да предизвикаат распаѓање на коалицијата“.

Почивалешек е претседател на Партијата на современиот центар (СМЦ), една од четирите партии во владата на Јанша, а учествуваше и во претходната влада на левицата, предводена од Марјан Шарец.

Хојс посочи дека структурите блиски до опозицијата, особено социјалдемократите (СД), стојат зад „протекувањето“ на информации за постапката, чија единствена програма, според него, е соборувањето на десничарската влада и дека НПУ, која во „фиока“ со години држи некои случаи, се чини, ги активираат само оние „против политички несоодветни, односно оние од десната страна“, а обвинителите реагираат на ист начин.

Според словенечките медиуми, меѓу осомничените за оштетување на јавни средства при набавка на медицински респиратори за време на пандемијата, заедно со Почивалешек, се негови блиски соработници во владината експертска група задолжена за набавка на медицинска опрема и некои други луѓе блиски до владата.

Меѓу доказите е и тајно снимениот телефонски разговор помеѓу Пошивалчек и лицата задолжени за набавка на респиратори, од каде може да се заклучи дека министерот инсистирал да плати аванс од осум милиони евра на „Гепланет“ пред да добие банкарска гаранција и да изврши набавка на голем број респиратори и со тоа ја фаворизирал таа компанија.

Слични содржини