Поради пандемијата, стотици илјади луѓе ќе починат од туберкулоза и СИДА

од Vladimir Zorba

Стотици илјади луѓе ќе починат од последиците од нелекуваната туберкулоза поради нарушувања во функционирањето на здравствените системи во сиромашните земји во светот, а причината за ова е пандемијата на коронавирус, објави Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза, маларија со седиште во Женева.

Во некои од најсиромашните земји во светот, огромниот број смртни случаи од последиците од СИДА и туберкулоза (ТБ) може да го надмине дури и бројот на смртни случаи од самиот коронавирус, изјави шефот на Глобалниот фонд, Питер Сандс, за Ројтерс.

Објавениот годишен извештај на Фондот за 2020 година покажува дека бројот на луѓе кои се лекуваат од туберкулоза, отпорна на лекови, е намален за 19 проценти во земјите каде што работи глобалното тело за помош. Програмите за превенција и третман на ХИВ паднаа за 11 проценти.

„Всушност, околу еден милион помалку луѓе се лекуваа од туберкулоза во 2020 година отколку во 2019 година и се плашам дека тоа неизбежно ќе резултира со стотици илјади смртни случаи“, рече извршниот директор на фондот, Питер Сандс.

Иако се уште нема прецизни податоци за бројот на смртни случаи, Сандс вели дека во некои сиромашни делови на Африка, како што е Сахел, полусушна зона на Западна и Централна Африка која се протега од Сенегал до Судан, може да има повеќе смртни случаи од туберкулоза или СИДАзаради регресија во борбата против овие болести, а не од Ковид-19.

Глобалниот фонд со седиште во Женева е асоцијација на влади, граѓански организации и партнери од приватниот сектор кои инвестираат повеќе од 4 милијарди долари годишно во борбата против туберкулоза, маларија и СИДА. Најголеми донатори се Соединетите држави. Сандс рече дека досегашните операции на Фондот биле погодени од „локдауните“ поради пандемијата „Ковид-19“.

Имено, клиниките, медицинскиот персонал и дијагностиката што најчесто се користат во третманот на пациенти со туберкулоза се прераспределени за третман на пациенти со Ковид во земји како Индија и низ Африка. Тој додаде дека очекува истите проблеми да продолжат и оваа година поради делта варијантата.

Тој рече дека намалениот опсег на лекување на други болести укажува на потребата да се земе предвид целокупното влијание на „Ковид-19“ врз различни сегменти на здравствениот систем, како и потребата да се земе предвид успехот во борбата против оваа болест.

Маларијата се покажа како исклучок кога станува збор за трендот 2020 година, а превентивните активности останаа стабилни или зголемени во споредба со 2019 година, се вели во соопштението од Глобалниот фонд.

Слични содржини