Поради скапото производство на храна, македонските земјоделци не сакаат да работат на нивите

од Vladimir Zorba

Неизорани ниви, обраснати со трева. Ваквата, се почеста слика на обработливата земја во Македонија се чини дека се уште не е причина за црвен аларм во опшеството. Во ситуација кога светот се погласно предупредува на недостиг од  храна, македонските земјоделци се откажуваат од  обработка  на нивите.

Земјоделецот Крсте Крстевски од скопското село Стајковци е меѓу ретките којшто продолжува да работи на земја, но како што вели патот е се потежок. Војната во Украина е само еден од последните удари, бидејќи токму во оваа земја и во Русија биле извезувани најголем дел од земјоделските производи. Проблематизиран е и традиционалниот извоз за Романија.

“Јаболката, зелката и морковот одеа за Русија, Украина и Романија. Сега се наруши целиот тој пазар и не знам дали воопшто има извоз кон исток’’, вели Крстески за „Локално“.

Предупредува дека неповолната ситуација во којашто се наоѓаат земјоделците допрва ќе се одрази врз домашното земјоделско производство кое со секоја наредна година станува се помало.

“Годинава останавме без домати и сега немаме доволно ниту за сопствени потреби, за домашниот пазар.Сите домати се од увоз, порано се носеа од Турција, а  сега ги увезуваме од  Албанија каде во последно време покажаа исклучителни резултати во производството на градинарски производи. Увезуваме и компир, и тоа од Белгија, од Холандија…,  од секаде ..ние немаме компирово производство пред се заради суштата.’’, посочува Крстевски.

Земјоделците со кои контактираше локално, како причини за ваквата состојба посочуваат неколку: скапа електрична енергија и нафта како и неколкукратно покачени цени на семињата и ѓубривата. Дејството на сите овие фактори предизвикуваат несогледливи последици, велат тие.

„Јас секоја година садев по два  хектара, но сега се ми е скапо.Трошоците се покачија три пати. Има многу земјоделци кои се како мене.На пр.вештачкото ѓубре од 500 денари отиде на 1300 ден.,или 150 % покачување, исто е и со препаратите, семињата…Тешка  е иднината за нас земјоделците’’, вели за „Локално“ Ристе Поповски од кривопаланечкиот крај. Како голем проблем го посочува и фактот дека не е развиен системот за наводнување, а некаде воопшто и го нема. Оттука, според него се повеќе се отвора дилемата како да се опстои и дали економската логика налага да се откажат од работата на нива.

Го трошиме заштеденото. Оној кој е механизиран, има искуство и знаење, ќе преживее, но голем дел од земјоделците пропаѓаат и ништо не произведуваат.Луѓето се откажуваат од работа на земја.“, посочува Поповски.

Потребата од радикални промени и стратегија која ќе функционира и ќе продолжува независно од тоа која политичка партија е на власт, со години наназад една од најприоритетните теми, но засега нема голем исчекор напред.

Незадоволството меѓу земјоделците е присутно дури и во услови кога државата по разни основи троши милиони евра годишно за подршка на аграрот, од кои најголем дел се директни субвенции. Нивните забелешки се насочени кон тоа дека субвенциите сами по себе се недоволни, но и дека е неопходна конкретна стратегија и решавање на проблемите, пред се на тие што се однесуваат на откупните цени. Единствениот излез за тоа според нив е определување на лиценцирани  фирми кои ќе ги откупуваат производите и тоа по реална цена.Без вакво решение, велат земјоделците, нема да има напредок, а земјоделието ќе продолжи да пропаѓа.

Потребни се многу промени.Јас немам моја земја , ја земам под закуп.Плаќам високи кирии, не земам субвенции а производството ми е големо.Се плашам од оданочување. Не сум запознаен што се треба да сторам, ни за нафтата, ни за производите, не добивам ништо ни за производство на житарици ниту за раноградинарските производи. Буквално ниту денар, а работам на 7-8 хектари земја“, констатира Крстевски.

Во обид за  исчекор напред во однос на вкупната состојба во земјоделието, власта во изминатиот период презеде неколку активности. Усвоени се јавни огласи за доделување државно земјиште за да се зголеми домашното производство на храна, преку Интервентниот фонд беа исплатени субвенции за корисниците на вештачко ѓубриво.. Очекувањата се дека со националниот план за производство на храна ќе се намали увозот а догодина ќе се зголеми производството на прехрамбените производи. Какви ќе бидат резултатите, ќе покаже следниот род.

К.В.С.

Слични содржини