Поради „величење на насилство“: Твитер сокри твит на Трамп!

од Vladimir Zorba

Твитер соопшти дека сокрил еден од твитовите на американскиот претседател Доналд Трамп за немирите во Минесота затоа што „го велича насилството“ и со тоа ги крши правилата на Твитер.

Твитот е скриен од пошироката јавност, но кој и да сака може да види што напишал претседателот, затоа што од компанијата објаснија дека е во јавен интерес.

Претседателот Трамп напиша за ситуацијата во Минесота, каде веќе трета ноќ траат немири и судири меѓу населението и полицијата, поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина за време на полициско апсење, пишува „Гласот на Америка“.

Скриениот твит на Трамп гласи:

„Овие бандити го валкаат споменот на Џорџ Флојд и јас нема да го дозволам тоа. Разговарав со гувернерот Тим ​​Волц и реков дека армијата ќе биде со него на тој пат. Ќе се обидеме да ги контролираме сите потешкотии, но кога ќе започнат грабежите, ќе почне и пукањето. Благодарам“.

Конфликтот на Доналд Трамп со Твитер започна кога компанијата им понуди на корисниците опција да ги „проверат фактите за гласање по пошта“ под твитот на претседателот.

Во четвртокот, претседателот потпиша указ со кој се доведува во прашање правната заштита на компаниите кои поседуваат социјални мрежи, што многумина го толкуваат како притисок врз слободата на говорот.

Компаниите како Твитер и Фејсбук се заштитени од правна одговорност за содржината објавена од нивните корисници, во согласност со делот 230 од Законот за комуникации во 1996 година, бидејќи тие се сметаат за „платформи“, а не „издавачи“ кои можат да бидат тужени за содржина.

Трамп рече дека ставот може да се „отстрани или измени“ преку законски предлог, така што социјалните мрежи немаат правен имунитет.

Главниот извршен директор на Твитер, Џек Дорси изјави претходно дека компанијата „ќе продолжи да укажува на неточни и спорни информации за изборите на глобално ниво“.

Слични содржини