Поранешни работници на Твитер обвинети за шпионирање на Саудиска Арабија

од Maja Serafimova

Двајца поранешни работници на Твитер и уште едно лице од Саудиска Арабија се соочуваат со обвиненија во Соединетите држави за шпионирање на кориснички сметки и потоа испраќање лични информации до кралското семејство на Саудиска Арабија во замена за пари и разни подароци.

Али Алзабара и Ахмед Абуамо, кои беа вработени во Твитер, и Ахмед Алмутаири, кој во тоа време работел во кралското семејство на Саудиска Арабија, беа обвинети за пристап до личните информации на корисниците без дозвола.

Покрај тоа, тие не се регистрирале како странски агенти, што според американскиот закон директно може да бидат обвинети за шпионажа.

Обвинителството тврди дека во 2015 година, Абуамо повеќе пати пристапувал во сметките на Твитер на истакнати критичари на саудиското кралско семејство во потрага по лични информации.

„Тие информации можеа да се искористат за да се идентификуваат и лоцираат корисниците на Твитер кои ги објавија тие постови“, се вели во соопштението на Министерството за правда на САД.

Саудиска Арабија, еден од клучните сојузници на Соединетите држави против Иран, се соочува со жестоки критики на Западот за кршење на човековите права, особено за убиството на новинарот Џамал Кашоги и за неговата вмешаност во војната што го уништи Јемен.

Алмутаири е обвинет за посредување меѓу споменатите вработени во Твитер и владата во Ријад.

Абуамо, кој е државјанин на САД, е во притвор во Сиетл, додека другите двајца се во Саудиска Арабија, се вели во соопштението.

Амбасадата на Саудиска Арабија во САД сè уште нема пуштено соопштение.

Компанијата Твитер соопшти дека е „благодарна на ФБИ и Министерството за правда“.

„Нашата компанија го ограничува пристапот до чувствителни податоци и е достапна за многу тесен опсег на искусни и обучени вработени. Ние сме свесни за ризикот за секој што го користи Твитер за да изрази свој став и да ги повика моќните на одговорност”, се вели во изјавата.

Американските медиуми соопштија дека „Твитер“ открил на крајот на 2015 година дека Али Алзабара ги менувал сметките на корисниците, поради што бил отпуштен од работа.

Сепак, тој веќе успеа да собере информации за повеќе од 6.000 корисници, меѓу кои и 33 лица за кои саудиските власти официјално побарале лични информации од Твитер.

Слични содржини