Поранешниот лидер на Каталонија привремено е на слобода

од Nikola Popovski

Судот во Сардинија го суспендираше случајот со екстрадиција на поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон во Шпанија до одлуката на Европскиот суд на правдата, и тој беше привремено ослободен.

Пуџдемон е член на Европскиот парламент од 2019 година, но му беше одземен имунитетот. Неговите адвокати изјавија дека нема основа за негово апсење и дека треба да биде ослободен до одлуката на Европскиот суд на правдата по нивната жалба против таа одлука на ЕП.

Пуџдемон излезе од судницата со својот адвокат, ги поздрави своите поддржувачи и рече дека е „многу задоволен“, пренесува АП.

Неговиот адвокат, Агостинаџело Марас, им рече на новинарите дека одлуката за негово екстрадирање во Шпанија, каде што е обвинет, зависи од одлуката на највисокиот европски суд за ова прашање.

Шпанија го обвинува Пуџдемон за бунт и бара негова екстрадиција, со тврдења дека тој помогнал да се организира референдумот за независност на Каталонија во 2017 година, што шпанските судови го оценија како незаконски.

Слични содржини