Македонците на 30 септември ќе излезат на референдум на кој ќе гласаат дали на официјалното име на својата земја ќе го додадат зборот „Северна“. Светските медиуми пишуваат дека договорот за промена на името е конечен обид за надминување на 27-годишниот спор со соседна Грција, која одбиваше да го признае името на Македонија од прогласувањето на независност на балканската земја од Југославија во 1991 година

Радио Слободна Европа – Прага

Македонија во Обединетите Нации и другите меѓуанродни организации од стекнувањето на независноста мораше да го користи името Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ), додека новото име би било Република Северна Македонија.

За да биде успешен референдумот, најмалку 50 проценти од гласачите ќе мора да излезат на гласање.

Закана од нова студена војна се надвива над балканското гласање

Расправата околу Брегзитот, порастот на национализмот и справувањето со Русија ја исцрпуваат Европа. Но, постои еден спор кој се ближи кон решение и тоа во регион во кој постојат многу прашања поврзани со светскиот поредок, наведува „Блумберг“.

– Балканот е сцена на која конците ги влечат Западот и Русија, а решавањето на спорот ќе претставува ретка победа во нестабилниот регион, каде нациите се уште се борат да ги поправат врските кои досегаат до крвавите судири од 90-тите години на минатиот век. Грција  во рамки на договорот склучен во јуни се согласи да го одблокира пристапувањето на Република Македонија во Европската унија и НАТО. Русија која е остар противник на понатамошната експанзија на НАТО, сака да го спречи тоа и се обидува да се вмеша во внатрешните работи, тврди Владата во Скопје, наведува „Блумберг“.

– Како поттик на државата и е ветена можност за потпишување на протоколот за приклучување кон НАТО уште во текот на зимата, изјави на 6 јуни генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. ЕУ во јуни даде условен датум за почеток на преговорите за членство.

– Владата гледа на членството во овие организации како на клучно за просперитет и безбедност на земјата, вели професорот на Дипломатската школа за национална безбедност „Даниел Морган“ во Вашингтон, Стивен Мејер.

Балканот стана арена за Русија и САД, што во суштина претставува продолжување на студената војна, додава „Блумберг“.

Зошто Македонија гласа за промена на името?

Агенцијата АФП, чие пишување го пренесува Франс 24, објаснува дека Македонците на 30 септември ќе излезат на референдум за да гласаат дали да го додадат зборот „Северна“ во официјалното име на својата земја.

– Промената на името е конечен обид за надминување на 27-годишниот спор со соседна Грција, која одбиваше да го признае името на Македонија од прогласувањето на независноста на балканската земја од Југославија во 1991 година… Непријателството се продлабочи кога поранешниот македонски премиер Никола Груевски почна градежни активности во главниот град Скопје, со подигнување масивни статуи на Александар Велики – херој кој го присвојуваат двете држави – и гипсани владини згради, чии фасади се инспирирани од хелинистичката култура, потсетува агенцијата, додавајќи дека паѓањето на Груевски и доаѓањето на нова Влада под водство на македонските социјалдемократи овозможи решение.

АФП наведува дека договорот не се однесува само на официјалното име на земјата, туку ги вклучува и историјата, јазикот и идентитетот.

Во текстот агенцијата го поставува и прашањето што ќе се случи ако референдумот не успее и потсетува на интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за АФП во кое предупредува дека пропаѓањето на референдумот ќе ја изолира земјата и може да отвори ново „поглавје на несигурност и нестабилност во целиот регион“.

– Кревкиот Балкан е дом на многу сложени спорови од кои некои доаѓаат од бруталните војни од 90-тите години на минатиот век, кои доведоа до распад на Југославија и оставија 130 илјади жртви, наведува агенцијата.

Време е Македонија да прифати компромис

Малата балканска земја Македонија, која наскоро ќе биде прогласена за Северна Македонија, доколку граѓаните гласаат за промена на името на референдумот на 30 септември, конечно добива шанса да и се приклучи на заедницата на западни народи, пишува „Форин полиси“.

– Решението за референдум за договорот, што во јуни го постигнаа македонскиот и грчкиот премиер, во основа е разумно и ги унапредува пошироките геополитички интереси на двете нации и ќе доведе допоголема стабилност и сигурност на Балканот, оценува „Форин Полиси“.

„Форин Полиси“ наведува дека иако интеграцијата на малата Македонија во НАТО не претставува никаква воена закана за Москва, тоа би ја намалило способноста на Кремљ да го прошири коруптивното влијание во регионот.

– Тоа ја доведе Москва до тоа да користи посредници, вклучувајќи олигарси, свештеници, шпиони и дипломати, за да го организираат и финансираат противењето на договорот. Со врски со членовите на претходната националистичка Влада на премиерот Никола Груевски, Кремљ сега активно ја поддржува кампањата на националистите против договорот за името… Со ширење на пропаганда на омраза и финансирање насилни демонстрации, Русија активно поттикнува етнички незадоволства, кои за жал остануваат моќна сила во политиката на Балканот, неведува „Форин Полиси“.

Гласањето „за“ пат кон стабилизација на регионот

Решавањето на спорот со името би помогнало за стабилизација на регионот, кој се уште е исполнет со тензии по распадот на Југославија и негово приближување кон Европската унија и Атланскиот сојуз, процес кој Русија се обидува да го поткопа, пишува „Фајненшл Тајмс“.

– За македонската Влада на чело со социјалдемократите, која минатата гоидина ја презеде власта по долготрајната политичка криза, главен приоритет е поврзување со соседите, тврдејќи дека тоа е клучот за обнова на сиромашната економија. Согласно договорот со Грција, договорено е промена на името „за надворешна употреба“, додека граѓаните се призанти како етнички Македонци и јазикот како македонски, наведува „Фајненшл Тајмс“.

Весникот објаснува и дека референдумот, што го ветуваа неколку влади по ред, е консултативен, а за да биде валиден потребен е одѕив од 50 проценти од регистрираните избирачи, што е голем предизвик за земја од 2,1 милиони луѓе во која дојде до масовна миграција.

– Но гласањето „за“ би можело да поттикне доволен број конзервативни пратеници да ги поддржат промените на Уставот во Парламентот, каде е потребно двотретинско мнозинство. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ го поддржува членството во ЕУ и НАТО, но и е поделена околу референдумот, стои во текстот.

Македонскиот проблем со лажните вести

Во ретки случаи кога луѓето во САД размислуваат за Македонија, земјата ја сметаат за синоним за лажни вести, смета „Њузвик“.

Весникот потсетува дека во текот на 2016 година медиумите ширум светот ја пренесуваа приказната за група тинејџери кои дневно објавуваа стотици лажни и сензационалистички вести со цел да заработат од објавувањето.

– Станува збор за стотина воглавно аполитични млади луѓе, кои соочени со раширената невработеност и ниските плати во Македонија, најдоа начин да заработат искористувајќи ги политичките поделби во САД – воглавно лажните вести се однесуваа на претседателските избори во САД, но се покажа дека приказната не е толку едноставна, наведува неделникот.

„Њузвик“ пренесува дека во јули заедничката истрага на Мрежата за известување за организиран криминал и корупција, Базфид и Лабораторијата за истражувачко новинарство, покажала дека драстичниот пораст на лажни вести од Велес го оркестрирал македонски медиумски адвокат со помош на неколку американски политички оперативци.

– Во меѓувреме Македонија доживува нов бран лажни вести и онлајн пропаганда по повод историскиот референдум што ќе се оддржи на 30 септември. Од граѓаните се бара да одлучат дали сакаат промена на името на државата од Поранешна Југословенска Република Македонија – како што беше наречена по осамостојувањето од Југославија во 90-тите години на минатиот век – во Република Северна Македонија… Противниците на референдумот користат лажни профили на социјалните мрежи за да ги поттикнат гласачите да не го поддржат референдумот. Некои аналитичари тврдат дека зад сето тоа можеби стои Русија, која жестоко се противи на македонската иднина во НАТО, пишува „Њузвик“. сп/11:45

Слични содржини