Последното покачување на пензиите од агол на пензионерите: Добро е, но не е доволно

од Radmila Tasevska

Различни се реакциите во однос на последното, мартовско покачување на пензијата. Додека за некои, ова зголемување од 8,4% е недоволно, задоцнето и најмногу во полза на највисоките пензии, за останатите е вистински чекор кој во сегашната тешка економска ситуација ќе им помогне барем делумно да ги надминат егзистенцијалните проблеми. Според универзитетскиот професор во пензија, Темелко Ристески, инаку член на здружението на воени пензионери, со ова усогласување значително се помага за подобрување на животот и стандардот на пензионерите. Во изјава за „Локално“, тој посочува дека се работи за досега најголемо покачување. „Нема сомнение дека растечката инфлација и трошоците за живот влијаат на квалитетот на животот и стандардот на пензионерите. Но, со оглед на високиот процент на покачување на пензиите, а имајќи ја предвид и кризата наметната од надворешни фактори, пензионерите со кои сум разговарал, имаат разбирање за тешкотиите со кои се соочува Владата и задоволни се со актуелното покачување на пензиите“, вели Ристоски во изјава за „Локално“.

Драги Аргировски-експерт за трето доба, е далеку покритичен во однос на придобивките на последното усогласување на пензиите. Според него, пресметките покажуваат дека најбројната категорија на пензионери, односно речиси 80% од вкупниот број ќе имаат незначително покачување, за разлика од оние со највисоки пензии. Тврдењето го илустрира со едноставен пример, кој покажува дека пензионерите кои досега имаа 10.000 денари сега ќе имаат 10.840, додека пак пензионерите кои примаат пензија од околу 60.000 денари сметката ќе им биде поголема за дури 5400 денари. „Тоа е огромна разлика. Зборуваме за сооднос од 6,4:1. Ретки се државите во светот каде што има вакви големи разлики. Во услови на огромни инфлаторни трошоци кои сите си чувствуваме, потребно е зајакнување на куповната моќ на најсиромашните кои едвај го преживуваат месецот со таа пензија.“, вели Аргировски во изјава за „Локално“. Потсетува дека од 330.00 пензионери дури 220.000 имаат пензија под 18.000 денари. Оттука, според него, усогласувањето треба да биде скалесто, односно најголемо покачување да добијат оние со најниска пензија, оние со просечна да добијат усогласување во средни рамки, а пензионерите со највисока пензија најмал процент. Во оваа насока, ги отфрла како неточни тврдењата дека пензиите се приближуваат до минималната плата бидејќи како што вели, и со сегашното зголемување, износот на просечната пензија (19.150 денари) ќе биде под минималната плата од 20.175 денари. Како една од можните опции ја акцентира потребата од утврдување на најниската пензија, по примерот на минималната плата. „Добро е што почна да се разговара за утврдување на минималната пензија, таа не смее да биде пониска од 18.000 денари. Тогаш барем ќе им се даде шанса на оваа категорија пензионери да ги „преживеат“ сите покачувања на цените, да можат да ги платат сметките, да обезбедат храна и лекови“, вели Аргировски.

Ова решение го предлага и Ристоски, кој забележува дека објективните околности кои ги наметнува економската криза многу брзо се менуваат. „Тоа без сомнение ја наметнува потребата да се следат состојбите и, по потреба, да се интервенира со зголемување на најнискиот износ на пензија а евентуално, и со признавање на право на социјална помош на пензионерите со најниски пензии согласно со одредбите на Законот за социјална заштита.“, вели Ристоски.

Зголемувањето – усогласувањето на пензиите, се врши според движењето на индексот на трошоците за живот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Републиката во висина од 50%., и тоа на 1 март и на 1 септември секоја година. Пресметките кои за „Локално“, ги направи Аргировски покажуваат дека пензионерите со најниска пензија со мартовското зголемување ќе добијат покачување од 840 денари. За 1000 денари ќе биде зголемена сметката на пензионерите кои имаат 12.000 денари. Пензионерите кои досега добиваа 13000 денари ќе добијат плус 1260, а оние со 20.000 денари сега ќе имаат 21.680. Категоријата пензионери со примања од 25.000 денари ќе имаат покачување од 2100, а на оние со примања 30.000 денари ќе им легнат плус 2.520. Зголемувањата на примањата на пензионерите од 35000 денари ќе изнесува 2940. Оние со пензија од 40 000 денари сега ќе имаат 43.360, а пензионерите со 45.000 денари-48.780. Оние со пензија од 50.000 денари вели Аргировски, ќе имаат покачување од 4.200, додека пензионерите кои примаат пензија во износ од 55.000 денари отсега ќе добиваат 59.620. На пензионерите со пензија од 60.000 денари сметката ќе им биде поголема за дури 5040 денари, додека оние со примања од околу 65.000 денари ќе се „офајдат“ за 5.400 односно ќе имаат сума од околу 70.000 денари

 

К.В.С.

Слични содржини