Постапката за преименување на училиштата во Чаир е во ред, велат од Централен регистар

од Берта Китинска

Постапката во Централниот регистар за упис на промената на имињата на две училишта во Чаир е целосно во ред, вели директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска-Јанковски.

Одлуката е донесена  врз основа на законски доставени документи, ние не навлегуваме во постапката односно во тоа дали има одлука на општинскиот Совет. Бидејќи документацијата која е  доставена кај нас има одлука на министерот и на училишните одбори и позитивно мислење потпишано од претседавачот на Советот на Општината, вели директорката на Централниот регистар.

Денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека оваа одлука е незаконски спроведена постапка, која Централниот регистер треба да ја коригира веднаш.

Вчера на својот Фејсбук профил министерот за образование Арбер Адеми објави дека на две училишта ќе бидат променети имињата.

Адеми на Фејсбук објави дека се променети имињата на две училишта во Чаир – „Никола Вапцаров“, кое сега се вика „Исмаил Ќемали“ и „Рајко Жинзифов“ кое сега е „Имри Елези“. Тој во постот напиша дека ги потпишал потребните акти со што конечно завршило прашањето за именувањата на училиштата во Чаир.

-Со записник на некој си училишен одбор надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да постапат по закон. Законодавецот предвидел како се менува назив на училиште и тоа го одлучуваат граѓаните преку своите претставници, рече Заев денеска на прес-конференција во седиштето на партијата, одговарајќи на новинарско прашање за преименувањето на училиштата.

 

Слични содржини