Постигнат компромисен договор: Матурантите до 5 март да ги пријават испитите што ќе ги полагаат

од Nikola Popovski

Премиерот Зоран Заев од една и лидерот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи вчера соопштија дека е договорено компромисно решение околу полагањето на државната матура. Било договорено да се се полагаат два екстерни и два интерни предмети и да се формира работна група од Бирото за развој на образованието и Сојузот на средношколци, во која ќе има и наставници, која ќе одлучува за кратење на програмите за екстерните испити и со која ќе претседава претставник од кабинетот на премиерот. Согласно постигнатиот договор со Владата, матурантите најдоцна до 5 март треба повторно да ги регистрираат испитите што ќе ги полагаат односно имаат можност да ги променат тие што ги пријавиле.

Со постигнатиот договор се прифаќаат барањата на Сојзуот на средношколци – наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и базата на прашања најдоцна три недели пред денот на испитот и тие да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања. Ќе се зголеми коефициентот кај несоодветниот екстерен испит од 0,5 на 0,9, односно од 5 на 9 поени. Првиот екстерен испит (Мајчин јазик) треба да биде сметан за соодветен од сите високообразовни институции во земјава, а  Државниот испитен центар да овозможи Естетика и Филозофија (кои досега беа во листата за третиот екстерен испит) да бидат вториот екстерен за матурантите во средните уметнички училишта.

Ќе се прифати и промена во начинот на добивање на поените за интерните испити, така што предвид ќе се земат оценката од испитот и просекот по предметот како основа за добивање на поените, односно подеднакво ќе учествуваат и оценката и просекот.  Универзитетите, пак, треба да објават кои од Листата на наставни предмети се соодветни за нивните студиски програми.

Матурата ќе почне една недела подоцна, место на 29 мај, да почне на петти јуни 2021 година, рече Заев.

Ходаи на сите средношколци им честиташе за покажаното единство докрај, а Заев нему и на сите средношколци им се заблагодари за слухот што го покажале за ставовите на Министерството за образование и на Владата.
Во изминатите години матурантите полагаа три екстерни и еден интерен испит, но поради новонастанатата ситуација тие упатија свои барања до Владата и МОН  за компромисно решение кое конечно денес го постигнаа по бројните преговори.

Слични содржини