„Постои мал процент можност и човек вакциниран со три дози да заврши лошо“

од Берта Китинска

За целосно вакцинирани се сметаат лицата со примена трета доза вакцина против КОВИД-19.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски истакна дека и во светот заокружен циклус на вакцинација веќе се однесува точно или на три дози или некаде има комбинации прележаност по две дози.

Но, посочи тој, поентата е дека трите дози во моментот се тие кои даваат гаранција над 95 проценти за заштита од смрт и повторно тука има еден мал процент можност и човек вакциниран со три дози да заврши лошо, но шансите тоа да се случи се многу мали.

Потенцира дека не знае дали ќе стане задолжителна третата доза, но, посочи, сигурно ќе биде силна препорака, бидејќи постојат многу научни докази дека е излез.

– Нас ни е јасно дека треба да се движиме накај трета доза. Не зборуваме за сезонска вакцинација. Зборуваме за трета доза. Во Англија што често ја земаме за пример над 65 проценти од населението има примено трета доза. Кај нас е околу пет проценти. Значи тука имаме дупка и нашиот фокус е сега таа дупка да ја пополниме. Натаму ќе се насочиме, да стимулираме, да објаснуваме и да поттикнуваме вакцинација со трета доза, рече д-р Петличковски.

Комисијата за заразни болести (КЗБ) водено предлага важноста на потврдите на лицата кои поминале ковид од 45 дена да стане 180 дена.

Досега во земјата се направени вкупно 1.826.611 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 280.594, бројот на оздравени пациенти е 259.898, на починати е 8.624, а бројот на активни случаи изнесува 12.072.

Слични содржини