Се погласни се барањата за предвремени парламентарни избори, заедно со локалните. Ова следува откако Арбен Таравари пресече и крилото на Алијанса на локалните избори, предводено од него, реши да оди со посебни советнички листи. На тоа следуваше состанок на лидерите на ВЛЕН. Тие договорија заеднички настап и побараа членството да се дистанцира од Таравари, кој според нив води политики на поделби…
ДУИ би се согласиле на двојни избори наесен, а и лично премиерот Христијан Мицкоски најави можни предвремени парламентарни, врзано со завршување на процесот со трагедијата во Кочани, во која загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени. Тој минатата недела од Собранието не прецизираше дали предвремените извоеи би се одржале со локалните избори, но рече дека ќе ја прифати одговорноста за трагедијата во Кочани откако ќе ги решат работите и дека тогаш од народот ќе ја побараат довербата. Сепак, за дел од познавачите на состојбите, нема реална основа за уште едни избори. Иако дел од партиите покажуваат подготвеност, според политичкиот аналитичар, Џенур Исени, поважно е да се зачува политичката стабилност.

Џенур Исени
-Од евентуални предвремени избори најмногу би профитирале структури кои моментално се во дефанзива – пред сè ДУИ, која по големата политичка криза беше речиси на „смртна постела“, вели Исени за „Локално“.
Околу дилемите дали постои антиалбански политики на ВМРО-ДПМНЕ или и по десет месеци ДУИ не е комотна во опозиција, соговорникот оценува дека ова е повеќе политички конструиран наратив што партијата на Али Ахмети го користи за да ја мобилизира својата база.
-Реалноста е дека ДУИ сè уште не може да се помири со новата ситуација во која не е дел од власта. ВМРО-ДПМНЕ досега не спровела системски антиалбански политики, а вистинската причина за нервозата на ДУИ е губењето на моќта, а не некаков објективен притисок врз Албанците, тврди Исени.
Потенцира дека долгогодишната пракса на ДУИ се базираше исклучиво на етничка мобилизација.
-Во моментот кога таа реторика ја губи силата, гледаме дека ДУИ нема капацитет за артикулирање на реални, современи политики. Без етничката карта, тие остануваат без јасна визија за развој и реформи, наведува аналитичарот.
Според него, со по се поизвесниот настап на Таравари надвор од ВЛЕН, коалицијата се ослаби токму во момент кога ДУИ беше во најлоша политичка кондиција.
-Наместо да се зацврсти фронтот против ДУИ, со вакви потези ѝ се даде шанса за враќање од клиничка смрт. Албанските гласачи со право треба да прашаат: дали ова беше нивната волја, прашува Исени.
Алијансата за Албанците нема намера да влегува во никаква авантура со каква било соработка со коалицијата ВЛЕН, изјави лидерот на едното крило на партијата и дел од Европскиот фронт, Зијадин Села. Доколку Таравари, се приклучи на ЕФ, Села рече дека ќе има свои ставови по ова прашање. Тој ја смета средбата меѓу Ахмети и Таравари за легитимна, односно како средба меѓу двајца лидери на два различни субјекти.
„Алијансата за Албанците е дел од Европскиот фронт и имаме право хипотетички да кажеме кога ќе се отвори оваа дебата во рамките на Европскиот фронт“, додаде Села. Негираше дека се сретнал со премиерот Христијан Мицкоски, а доколку се сретне, рече дека ќе разговараат за уставните измени и членството на земјата во ЕУ.
„Ниту сум се сретнал, ниту сум планирал некаква средба со премиерот на земјата. Во моментот кога ќе има средба, ќе ве информираме, нема ништо лошо, само бидете сигурни дека ако се одржи таква средба, Зијадин Села и АА е заинтересирани да разговараат за вистински теми“, истакна вчера тој. Кажа и дека ќе побара измена на Уставот во делот за албанскиот јазик, како и промена во начинот на донесување одлуки на Уставниот суд според Бадентеровиот принцип.
Меџити, Касами и Ибрахими веќе му се налутија на Таравари. Иако Алијанса била фаворизирана, како што велат од ВЛЕН – не се задоволила со 35 до 40 насто од понудениот изборен колач. Тоа за тројката од владејачкиот албански кампус е показател дека Таравари соработува со ДУИ и му фрла гума за спасување со Ахмети.
Триото на ВЛЕН не го исклучило Таравари од коалицијата, туку тој сам се исклучил – е ставот по состанокот. И додека Демократското движење, Алтернатива и Беса го повикуваат членството на Алијанса да ги поддржи на изборите, Таравари им порачува дека е отворен за соработка и добредојден е секој што сака да ги поддржи.
Портпаролот на Левица и пратеник, Амар Мециновиќ денеска порача дека неговата партија е подготвена за предвремени парламентарни избори, затоа што, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ е на стаклени нозе во однос на тоа што се случува во владеачката коалиција. Според Мециновиќ, ова се должи на се поверојатното напуштање на Арбен Таравари на ВЛЕН и неговите пет пратеници во Собранието.
-Затоа во овие ситуации каде што владеачкото мнозинство има турбуленции, мислам дека нема да дозволат предвремени избори, но ние сме спремни. Сепак, јавноста и медиумите треба да зборуваат за конечно да почне процесот за менување на изборниот модел – предолго чекаме измени во таа една Изборна единица. Едно од главните ветувања на оваа Влада е реформа на изборниот модел, оценува пратеникот.
Мециновиќ е дециден дека ќе има некакви измени на Изборниот законик, но смета дека ќе се однесуваат на локалната политика.
-Затоа што ВМРО-ДПМНЕ ја експлицира таа идеја за можен референдум за отповикување на одредени градоначалници во општините каде не им се подобни…, рече Мециновиќ на прес-конференција во Собранието.
Н.П.