Потпишан Меморандум за соработка помеѓу ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и извршната директорка на М6 Едукативниот центар

Со цел јакнење на потребната врска помеѓу деловната заедница и академската средина, како и постојана размена на искуства, знаења и податоци во насока на општествен развој, охрабрување и поддршка за вмрежување помеѓу компаниите, студентите и стартап заедницата, денес ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, проф. Д-р. Никола Јанкуловски и главниот извршен директор на М6, Едукативниот центар, Елена Младеновска – Јеленковиќ потпишаа Меморандум.

„Компаниите од една страна сè повеќе се соочуваат со недостиг на кадар како резултат на масовното одлевање кадар од нашата земја, а од друга страна младите кои се желни да стекнат реално искуство немаат можност лесно да пристапат и да остварат контакти со бизнис-заедницата. Преку оваа соработка, М6 ќе овозможи спој на двете засегнати страни како и можност за практична работа во М6 и компаниите соработници. Студентите ќе добијат шанса да посетуваат и обуки за развивање меки вештини и останати обуки од различните програми на Едукативниот центар“, посочија од Универзитетот.

Јанкуловски и Младеновска-Јеленковиќ разговараа и за реализирање заеднички проекти, активности и друг вид на соработка преку кои ќе се овозможи развојот на едукацијата, науката, иновативните и креативните можности во најширокиот опсег, а особено во областите земјоделство, технологија, фармација и медицина, енергетика и машинство, економија, банкарство и осигурување.

Слични содржини