„Потреба од законски измени со цел да не се фрла вишокот на храна“: Консултативна средба во Кабинетот на претседателот

од Nikola Popovski

Во Кабинетот на претседателот денеска сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска беше домаќин на консултативна средба за предлог-Законот за донирање на вишок на храна.

На средбата присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, проф. д-р Александар Спасов, советник за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања на претседателот, Светлана Томеска Мицкова, раководител на Секторот за ЕУ при Агенцијата за храна и ветеринарство, Кристијан Калинов и Мила Тасевска од иницијативата Ретвитни оброк и Тони Станковски, претседател на Здружението на граѓани „Љубезност”.

Изразувајќи ја својата поддршка за изготвувањето на овој предлог-закон, сопругата на претседателот истакна дека денешната средба е можност да се слушнат засегнатите страни меѓу кои се и иницијативата Ретвитни оброк и Здружението „Љубезност” коишто ги познаваат елементите што би придонеле во изготвувањето на предлог-законот.

На средбата беше нагласено дека потребата од законски измени е со цел да не се фрла вишокот на храна, да не се прави отпад на храна, туку да се поттикне донирањето на вишокот храна, а се разговараше и за почетните активности во врска со подготвување на предлог-законот, како и за воспоставување на механизми и критериуми за регулирање на активноста на донирање храна.

Со Законот за донирање на вишок на храна се очекува поттикнување на одржливо менаџирање со храна кај сите субјекти во општеството, намалување на отпадот од храна, донирање на вишоците, како и подигнување на свеста за учество во процесите за намалување на сиромаштијата.

Слични содржини