Потресната приказна зад фотографијата која го обиколи светот: „Беше ледено, не знаев дали бебето е живо“

од Stefanija Kuzmanovska

Фотографијата на Хуан Франциско Ваје (41), член на шпанската цивилна гарда, кој спаси двемесечно бебе на мигранти од водата, го обиколи светот. Хуан учествуваше во акцијата за спасување мигранти кои се обидуваа да стигнат до шпанските енклави на Сеута во Африка. Меѓу илјадниците има многу деца, а Хуан успеа да го извлече бебето од водата, кое беше на работ на животот и смртта.

– Беше ледено … Замрзнато … Бебето не се помрднуваше. Не знаев дали е живо или мртво – изјави Хуан видно потресен за шпанските медиуми.

Мајката го напуштила Мароко со бебето, надевајќи се дека ќе може да стигне до територијата на Шпанија. Со детето на грб, заедно со неколку стотици други мигранти, се нашла во ледената вода и се обидела да плива до брегот. Хуан вадел замрзнати луѓе од водата кога го видел бебето, кое не покажувало знаци на живот.

– Тројца бевме во вода, им помагавме на разни луѓе. Видов жена како го стегаше својот појас за спасување. Видов дека носи нешто на рамото. Отпрвин помислив дека е ранец, а потоа сфатив дека е бебе – вели Хуан.

Сфатил дека нема време за чекање. Тој и негов колега почнале да пливаат брзо кон нив.

– Го зграбив детето, а колегата ѝ помогна на мајката – рече тој.

Вели дека на почетокот не знаеле дали бебето е живо или мртво.

– Беше толку бледо, воопшто не се помрднуваше. Не можев да проценам дали е добро или не, дали е девојче или момче – вели тој.

За среќа, извори од гардата потврдија дека бебето е згрижено и дека е добро, без да откријат повеќе детали.

Ситуацијата во која се најдоа била опасна и за самиот Хуан, кој во тоа време бил на работ на своите сили бидејќи претходните два дена постојано бил во вода.

Тој вели дека спасувачите спиеле само десет часа од неделата и дека постојано се на терен. Хуан, кој своевремено служел војска, бил во спасувачкиот тим на гардата последните 12 години. Сепак, тој вели дека никогаш не наишол на ваква ситуација.

Слични содржини