Потврдени четири случаи на делта сојот, велешанецот немал контакт со други лица по враќањето од Англија

од Nikola Popovski

Во земјава, потврдени се четири случаи на делта сојот на коронавирус, а се чекаат резултати за уште четворица пациенти, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој за новинарите изјави дека четвртиот случај на делта сојот, кој првпат се појави во Индија, е потврден вчера, кај пациент кој се лекува во болница во Велес и има поблага клиничка слика.

Според зборовите на министерот, тој имал контакт само со сопругата на која и е одредена изолација. Пациентот во Македонија се вратил пред две недели од Англија.

„Го чекаме резултатот за уште четири пациенти и ќе ги имаме до вечерва. Тие се лекуваат во Скопје и само еден од тие пациенти има потешка клиничка форма и е на респиратор. Другите имаат стабилна клиничка слика “, рече Филипче.

Флипче рече дека овие случаи не се епидемиолошки поврзани и дека станува збор за лица кои не биле вакцинирани.

Тој најави дека Комисијата за заразни болести ќе го претстави својот став во врска со новите мерки за патниците што доаѓаат од земјите каде новиот сој е распространет.

„Мислам дека треба да имаме организиран (регионален) пристап. Утрово и денес разговарам со колегите министри од земјите од регионот – Србија, Албанија, Косово, во рамките на комуникацијата што ја воспоставивме во Берлинскиот процес, за да видиме дали можеме да заземеме заеднички позиции. Мислам дека тоа е многу важно“, рече министерот Филипче.

Првиот случај на делта сојот на коронавирусот во Македонија е регистриран на 7 јуни кај пациент кој се лекувал во приватна болница по враќањето од Ирак, каде се заразил со коронавирус.

Слични содржини