Повеќе од 15.000 исчезнати лица во украинската војна

од Vladimir Zorba

Повеќе од 15.000 луѓе исчезнале за време на војната во Украина, изјави во четвртокот официјален претставник на Меѓународната комисија за исчезнати лица (ICMP).

Организацијата со седиште во Хаг, создадена по балканските војни во 1990-тите, отвори канцеларија во Киев во јули за да и помогне на Украина да документира и да пронајде исчезнати лица.

Програмскиот директор на ICMP за Европа, Метју Холидеј, рече дека не е јасно колку луѓе биле насилно преместени, колкумина се држат во затвори во Русија, дали се живи и одвоени од членовите на нивните семејства или убиени и фрлени во импровизирани гробници.

Процесот на потрага по исчезнати лица во Украина ќе продолжи со години дури и по завршувањето на борбите, изјави Холидеј во интервју за Ројтерс. Бројката од 15.000 исчезнати е конзервативна кога властите проценуваат дека дури 25.000 луѓе загинале или исчезнале само во пристанишниот град Мариупол.

– Бројките се големи, а предизвиците со кои се соочува Украина се огромни. Освен тоа, тие ја водат и актуелната војна против Руската Федерација – рече Холидеј.

Слични содржини