Повеќе од 100.000 Полјаци на улица поради забраната за абортус (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Досега во Варшава се собраа повеќе од 100.000 демонстранти од цела Полска, а луѓето сè уште пристигнуваат. Според претходните наводи на полицијата, овој собир најверојатно ќе биде најголем во земјата против одлуката на Уставниот суд, дека абортусот е неуставен поради вродена штета на фетусот.

Собраните протестираат против пресудата на Уставниот суд од четврток, со која скоро целосно им се забранува на полските жени да абортираат, освен кога животот на мајката е загрозен или бременоста е резултат на силување.

Митинзите беа организирани и во други градови низ Полска, објави АП.

Државниот јавен обвинител се обврза да поднесе кривична пријава против организаторите на протестот за „предизвикување епидемиолошка закана“, што е обвинение за кое може да се изрече затворска казна до осум години.

Министерот за внатрешни работи Мариуш Камински се закани со „одлучна акција“ против оние кои не бегаат од „насилство и вандализам“.

Безбедносните сили се присутни во голем број, вклучително и воените жандарми распоредени од владата во последниве улични протести.

Според странските медиуми, неколку демонстранти се веќе приведени.

По повод денешниот протест во Полска, се огласи и претседателот на Европската народна партија, Доналд Туск.

„Варшава сега! „Полска сè уште не е изгубена“, напиша Туск на Твитер, алудирајќи на полската химна.

Патем, Законот за абортус е еден од најрестриктивните во Европа, а прашањето за абортус предизвика бројни осуди, конфликти и протести во минатото.

И покрај апелите на владата луѓето да останат дома поради коронавирусот, демонстрациите поради забраната за абортус не стивнуваат.

Стотици илјади луѓе протестираат на улиците на полските градови со денови и пркосат на ризикот од инфекција со коронавирус, особено поради зголемениот број нови случаи.

Полска соборува рекорди секој ден во однос на новите пријавени случаи на инфекција со Ковид-19, достигнувајќи скоро 22 000 денес.

Слични содржини